Јанкулоски нов играч на прволигашот Брера Струмица, второлигашот Арсими го промовираше Радуловиќ Величковиќ

Прволигашот Брера Струмица за пролетната полусезона се засили со 23-годишниот одбранбен фудбалер Христијан Јанкулоски. Тој во Струмица доаѓа од редовите на охридскиот прволигаш Воска Спорт, каде немаше солидна минутажа па реши да ја менува средината.

Претходно, новото засилување на Брера Струмица играше во Австралија.

Брера во пролетниот дел ќе настапи во изменет лик со млади играчи, а полусезоната ја отвара во Битола против Пелистер.

Второлигашот Арсими се засили со 22-годишниот Мартин Радуловиќ Величковиќ, кој низ својата кариера беше дел од Биље, Слован Братислава, Адриа Мирен како и Вуштри, додека пак во македонскиот шампионат настапуваше за екипите на Вардар и Пелистер.

Дефанзивецот ќе биде одлично освежување и засилување за тимот од Чегране, кој во пролетниот дел ќе ги напаѓа местата за Првата лига. Пролетната полусезона Арсими ја стартува во Струмица против Беласица.

Александар Ванев, М-Нет