
Започнаа првите активности за реализација на ВАР системот во македонскиот фудбал, односно ВАР системот ќе се имплементира во Првата лига, Купот на Македонија, но од четвртфиналето, ВАР ќе има и за женското финале од Купот на Македонија, како и за бараж натпреварите за влез од Втора во Прва лига.
„Одржавме првичен on-line состанок со ФИФА и веќе дефиниравме дел од важните постапки за имплементација на ВАР системот во МФЛ. Според првичниот план и динамиката на активности, планирано е да започнеме со употреба на видео-технологијата од следната натпреварувачка сезона. Прва МФЛ, Куп на Македонија (од 1/4 финална фаза), Куп на Македонија (финале – жени) и бараж натпревари за Прва МФЛ се натпреварувањата кои ќе бидат опфатени.Нашата намера е да имплементираме централизиран ВАР систем, посебна просторија во ФФМ, а во зависност од понудите на ВАР провајдерите ќе се започне со употреба на најмногу шест камери по натпревар“, рече Дејан Јакимовски – проектен лидер за имплементација на ВАР.
Исто така, ќе има и процес на едукација на ВАР судии.
„Тоа што, исто така, е исклучително важно за нас е што започнавме со плановите за едукација на ВАР судии. На почеток на месец март во Скопје ќе организираме дводневна работилница на која ќе учестуваат експерти од ФИФА, нашиот проектен тим, судиската и натпреварувачката комисија во ФФМ и останати лица вклучени во проектот. Во периодот кои следува ќе започнеме и со активности поврзани со нова битна работа за имплементација на ВАР системот, а тоа е инфраструктурата на стадионите, односно потврдување на минимум потребните услови што секој стадион ќе мора да ги исполни за да добие лиценца, односно дозвола за одигрување на натпревари. Лиценцирањето на стадионите, централизираните ВАР соби и ВАР судиите го врши единствено ФИФА“, додава Јакимовски.
ВАР системот во Македонија треба да биде опфатен од следната сезона.
Александар Ванев, М-Нет