Производите со „замрзнати“ цени и во февруари, има ли ефект мерката „гарантирана цена“?

Наместо до 31 јануари, мерката „гарантирана цени“ ќе важи до 29 февруари, одлучи Владата. Основните прехранбени производи, вода и одредени пијалоци ќе се продаваат со ограничени цени и во текот на следниот месец. „Замрзнувањето“ важи за оризот, брашното, лебот и други пекарски производи, бисквити, наполитанки, тестенини, месо и производи од месо, млеко, јајца, сирење, кашкавал и други млечни производи. Продолжувањето на оваа мерка се однесува и на минералната негазирана и газирана вода и негазирани и газирани пијалоци (сокови) во определени пакувања, како и светло пиво.

„Владата на Република Северна Македонија донесе одлука за изменување на одлуката за посебни услови за трговија на одделни стоки, определување највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало, како и обврска на трговците да прибавуваат и продаваат определени видови и количества на одделни стоки на потрошувачите, според определен редослед. Владата донесе и Одлука за изменување на Одлуката за определување највисоки цени на одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало.“ – велат во соопштението од Владата по владината седница.

Мерката „гарантирана цена“ беше донесена во септември минатата година, а важи за повеќе категории на прехранбени производи кои се продаваат по цени за 10 отсто пониски од оние што овие производи ги имале на 1 август 2023 година.

Министерот Бектеши на крајот на минатата година рече дека замрзнатите цени на дел од основните производи ќе се применуваат додека Собранието не го изгласа предлог-законот за нефер трговски практики кој беше усвоен од Владата.

Ребека Спасова М-Нет