
Новиот изведувач кој треба да ја реконструира старата кино-сала во Виница работи со засилена динамика, вели градоначалникот, Миле Петков. Проектот официјално започна пред речиси четири години, но се очекува да заврши во мај годинава, зашто се соочи со низа пречки кои изискуваа повторување на процедурите. Со завршувањето на градежните работи, објектот кој се наоѓа во централното градско подрачје ќе добие комплетно нова фасада, а кино салата и сцената ќе добијат нов лик, ќе се направи целосна реконструкција на фоајето и тоалетите, како и замена на обработките на ѕидовите, плафонот и подот.
„Како што знаете, договорот со претходниот изведувач беше раскинат. Во меѓувреме, распишавме нова јавна набавка, избрана е фирма изведувач, којашто веднаш започна со работа, со забрзана динамика. Се работи и на фасадата и на внатрешниот дел на кино-салата. Очекувам до крајот на договорот, тоа е месец мај, реконструкцијата на салата комплетно да биде завршена“, вели Петков.
Културниот дом „Тошо Арсов“ ќе биде опремен и со соодветна мултифункционална опрема, која ќе овозможи организација на најразлични културно-забавни настани. Проектот се реализира со средства од Програмата за рамномерен регионален развој обезбедени преку Министерството за локална самоуправа – Биро за регионален развој, а со дополнително кофинансирање од страна на Општина Виница.
„Вкупната вредност на договорот е околу 18 милиони денари, од кои околу 50% е учество на Општина Виница, додека другите се преку Центарот за развој на Источниот плански регион“, додаде Петков.
Проектот подолго време стагнираше поради слабата реализација на градежните активности од страна на претходно избраниот изведувач, со кого Општината го раскина договорот, а кој требаше да го заврши проектот уште во ноември 2020 година. Ваков проблем во Виница имаше и со изведувачи на други проекти со кои исто така се раскинуваа договори.
Ребека Спасова М-Нет