Утре Штип ќе го одбележи Денот на независноста со настан во црквата „Св. Константин и Елена“

Денот на независноста – 8 Септември, 75 години од Граѓанската војна и 6. средба на деца-бегалци утре ќе се одбележуваат со настан во Штип. Настанот е во организација на Здружението „Мирка Гинова“ од Штип, а на истиот ќе присуствуваат гости од Грција, Бугарија, Албанија, Србија, како и претставници на децата-бегалци кој ќе ги раскажат своите сведоштва. Гости ќе има и од цела Македонија, односно од Скопје, Тетово, Велес, Битола и други градови.

„Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија „Мирка Гинова“ во соработка со Сојузот „Македон“, Локалната самоуправа во Штип и ДПС „Лисец“, ќе одбележи 75 години од Егзодусот на Македонците од Граѓанската војна, оваа година се прави и 6. средба на децата бегалци. Ќе имаме многу значајни одбележувања, очекуваме многу гости, поканети се здруженија сродни на она што ние го почитуваме и одбележуваме“, истакна Трајче Димков од Здружението „Мирка Гинова“.

Настанот традиционално се одржува повеќе години во организација на Здружението „Мирка Гинова“, а од таму велат дека програмата секоја година се збогатува. Во рамки на истата годинава е предвидена и културно-уметничка програма.

„Ова е традиционален настан и Македонците од Егејскиот дел на Македонија го одбележуваат повеќе од 15 години. Се случува токму во кругот на црквата „Св. Константин и Елена“, во населбата Балканска, така што таа традиција сакаме да продолжи и овој настан сакаме да го збогатиме уште повеќе, затоа што сметаме дека празникот е нешто многу важно“, додава Димков.

Настанот ќе започне со свечен дел во 10:30 часот, а ќе продолжи со културно-уметничка програма во 11:30 часот.

Ребека Спасова М-Нет