
Фестивалот „Ја сакам Плачковица“ викендов ќе се одржи по 19. пат. Во двата дена планирана е богата програма со активности за кои пријавувањата се во тек. Најава за присуство има и од соседните земји, а организаторите, ДПС Лисец, очекуваат над 1000 гости
„Навистина, оваа година интересот за сите активности е голем. Она што е интересно е дека не само што имаме интерес од цела Македонија, туку се јавија и групи од Бугарија, Србија, коишто ќе присуствуваат на нашиот Фестивал. Бројката, според некои наши прогнози, за посетеност, е над 1000 души“, вели Милорад Ангелов од ДПС „Лисец“.
Една од активностите е планинската трка којашто се одржува по вторпат, а е од рекреативен карактер за сите коишто сакаат да бидат дел од планинско трчање. И годинава ќе се одржи и велосипедска тура, во должина од околу 40 километри и висинска разлика од 1000 метри.
„Осумнаесет километри е должината на патеката. Започнува од Планинарскиот дом „Вртешка“, се оди до Туртел, врв од штипскиот дел на Плачковица, и се враќаме повторно во Планинарскиот дом „Вртешка“. Висинската позитивна разлика е 750 метри надморска висина. Исто така ја имаме и детската трка, в недела, од 10:00 часот“, истакна Бојана Стефанова, член на ДПС Лисец.
„Секој што ќе учествува на велосипедската тура, должен е да дојде психо-физички спремен, да има исправен велосипед и да носи задолжително заштитен шлем или кацига за да не дојде до несакани падови“, истакна Никола Грозданов од МТБ Штип
Други активности кои се дел од овогодинешната програма се и спелеолошката акција со посета на пештери и „виа-ферата“ искачување на врвот Лисец. И годинава можност има и за качување на вештачка карпа за почетници и авантуристи.
„Во оваа акција ни е предвидено да посетиме три од пештерите на Плачковица. Ќе ги издвојам Ќуп, Ајдучка и Големата пештера, така што сите љубители може слободно да дојдат, да видат, ќе истражуваме“, додаваат од ДПС „Лисец“.
„Лисец е меѓу неколкуте врвови во Македонија до кој има овозможено пат за искачување преку Ферата. Должината на патеката е околу 13 километри со времетраење од 6 часа. До самата патека пристигнуваме со теренско возило“, посочуваат од ДПС „Лисец“.
„Всушност, тоа е еден карпест дел, преку којшто оние коишто сакаат повеќе адреналин може да го достигнат врвот. Тоа е едно прекрасно планинско доживување за оние коишто сакаат несекојдневни авантури“, објаснуваат од ДПС „Лисец“.
Настанот се одржува со поддршка на Општините Штип и Карбинци, а е во рамки на 38. издание на манифестацијата Штипско културно лето.
Ребека Спасова М-Нет