Нивите во Чешиново суви, од Водостопанство велат потребен е нов цевковод за Чифлик и Чешиново

Недостаток на вода дури и на крајот на мај, е главниот проблем на земјоделците од село Чешиново. Велат дека нивите се спремни, ама барут суви, поради некои земјоделци кои нивите сѐ уште ги немале подготвено. Од кочанската подружница на Водостопанство им рекле оти водата е пуштена до максимум, ама и понатаму нивните ниви се суви, па сортите кои ги сејат, според нив, нема да успеат толку доцна. Пречка за водата да дојде до Чешиново се и скршените каналетки.

„Ние се мачевме, да ги спремаме навреме нивите. Дожд врнеше, ние одевме за да сработиме. Полињата се сѐ средени. Ова уште два дена ако не се пушти водата, пак треба да преработуваме“, вели Мики Ѓорѓиев, земјоделец.

„Имат правено толеранции, ако врне многу дожд и повеќе од луѓето не можат да спремат, може да се пролонгира неколку дена, да се спрема. Ама да се пролонгира со 10 – 15 дена кога сите се спремани за тројца неспремани, тоа не е било никогаш. Ако нема некои не спремани, водата се пуште на минимум додека тие спремат, а другите неспремани си ги сејат“, вели Мијалче Кузманов, земјоделец.

„Сега они викат дека ја пуштиле пред некој ден, максимум било пуштено што можат, ама ги гледате нивите, нема капка вода“, вели еден од земјоделците.

„Лани имам сејано нива на 25 мај, пред два дена, значи, ама не биде, слама само. Чувам го, не го зема никој, со слаб квалитет, а денеска е 27., датумот е поминат. Јас мислам дека нема да има потреба ни да ги сееме, веќе одмина рокот на сеидбата“, вели Роберт Постолов, земјоделец.

„Толку сме упропастени што нема да да жнееме есента и нема потреба ни да се сее. Што ќе сееме ние допрва? Гледај што е ова… А сѐ е спремано, и ѓубре фрлено, испрскано, сме направиле многу трошок и сега кој ќе ни го покрие?“, вели Сане Јованов, земјоделец.

На средба со земјоделците беше и раководителот на кочанската подружница „Брегалница“ на АД Водостопанство, Благојче Богатинов, кој вели дека до некаде се согласува со земјоделците. Тој посочува дека човечки фактор има, но системот е стар и потребно е изградба на посебен цевковод.

„Мора да чекаме да се посејат површините во Соколарци и Спанчево. Тој проблем не е од сега, но дојде до израз поради временските услови. Проблемот ќе се реши со изградба на цевковод, Чифлик и Чешиново да бидат независно и да не чекаат вода. Системот го знаат, состојбата во Водостопанство ја знаеме, меѓутоа работиме со сите ресурси што ги имаме на располагање“, истакна Благојче Богатинов, раководител на Подружница „Брегалница“ – Кочани.

Богатинов потенцира дека водата е пуштена и до Чешиново ќе стигне најдоцна до 5 јуни, но земјоделците и понатаму посочуваат дека тоа е предоцна.

Ребека Спасова М-Нет