Побарувачката на компир голема, ама во кратовско и кривопаланечко речиси нема кој да произведува

Познатиот кратовски компир и понатаму се продава на пазарите во штипско и околината. Тони Иванов од кратовско Кнежево вели дека се задоволни од минатогодишното производство, а оваа година сѐ зависи од временските услови. Температура под 40 степени е потребна за поголем принос.

„Ланската година беше добра, имаше доста врнежи, семенски материјал ставаме и имавме доста приход количински. Оваа година зависи од временските услови, ако не биде температурата над 40 степени, агриата може да даде поголем принос, а ако биде топло, количината ќе биде средно“, вели Иванов.

Иванов посочува дека за оној кој вистински сака да работи е исплатливо. Субвенциите, пак, придонесуваат повеќе од луѓето да се одлучат да произведуваат компир, но тоа доведува до поголема понуда, а со понизок квалитет.

„Ланското производство ќе си го дадеме, добро биде, бидејќи немаше голема количина на другите места. Субвенциите ги намалија и за нас, вистинските земјоделци, се исплаќа и да не даваат субвенции оти кога даваат субвенции повеќе народот се лаже и не донесе добар квалитет, а дојде до голема понуда и тоа прави проблем на вистинските производители. Ако работиш добро, се исплаќа. Ако се лажеш само од субвенциите, одиш и садиш без врска. За нас што вистински работиме земјоделие, се исплаќа“, посочува Иванов.

Побарувачка на компир има, ама во кратовско и кривопаланечко нема големи количини компир оти речиси и да нема кој да работи.

„За домашно производство останаа само постари луѓе, значи нема многу големи количини. Нема големи количини, само пет – шест луѓе што произведуваат од 30 до 70 тона компири. Мислам дека сега има голема побарувачка на компир, дали нема увоз или нема млад компир… “, додава Иванов.

Иванов компирот на штипскиот пазар го продава по цена од 40 денари. Вели дека таа цена засега е исплатлива за нив поради тоа што е намалена и цената на нафтата.

Ребека Спасова М-Нет