„Се бориме за леб, но се бориме и за ружи“ – откриен мурал во паркот Бриони во Штип

„Се бориме за леб, но се бориме и за ружи“ – мурал со силна порака денеска беше откриен во паркот Бриони во Општина Штип. Со идеја инспирирана од работнички во текстилната индустрија, денеска на празникот на жените од Штип се испрати јасна порака дека тие треба да ги уживаат правата кои ги заслужуваат. Во 21 век според претседателката на Гласен текстилец, Кристина Ампева, жените не се еднакви и треба силно да се борат за да ги добијат нивните права.

„Ова е трето по ред уметничко дело кое го наменуваме за жените, за текстилните работнички, оти првенствено во минатото од нив започнала борбата за работнички и женски права. Дали е променето нешто – мислам дека да, повеќе се збори, политичарите повеќе се насочени кон покачување на плати, родова еднаквост. Жените во 21 век не се еднакви, ниту ги имаат правата кои им се овозможени преку Закон, а не ги уживаат“ – вели Ампева.

Од градот во кој текстилната индустрија е застапена најмногу, градоначалникот Иван Јорданов порача дека за правата на жените гласно треба да се зборува за да се добијат истите. Бидејќи и најголемите неправди се случуваат токму во текстилните компании.

„Штип е исто така текстилен град во кој најмногу жените се вклучени во оваа индустрија и најмногу жените се засегнати со почитувањето на нивните права. Сакам да ја изразам мојата благодарност за организацијата на овој настан, и гласното зборување за проблемите со кои се соочуваат жените и дамите“ – додаде Јорданов.

Муралот во паркот е изработен за само еден ден, а преставува уште еден во низата обележја за правата на работничките права во градот. Во истиот парк се поставени клупа и магичен конец, а иглата е симбол во населебата Осми Ноември.

Лаура Стојанова М-Нет