Мобилна паркинг платформа во Кочани – решение за проблем или нова катастрофа?

Поставување на мобилна платформа за паркирање на големиот паркинг во Трговскиот центар во Кочани беше главна тема на дискусија на вчерашната трибина реализиран во Кочани. Со ваквата идеја според градоначалникот Љупчо Папазов ќе се реши еден од поголемите проблеми во градот со паркинг услугата. Како што истакна тој овој простор веќе се користи како паркинг, а со изградбата на катна гаража ќе се зголеми бројот на паркинг места.

„Влегуваме во една расправа во која ќе зборуваме за реализација на проект за поставување на мобилна платформа за паркирање на возила на големиот паркинг во Трговскиот центар. На тој потег имаме сериозен проблем во делот на паркирањето и искористеноста на на просторот за паркирање. Со ова што го нудиме сакаме да го зголемеме бројот на паркинг местата и да донесеме бенифити за градот, за непосредното опкружување и да решиме еден проблем со кој се среќаваме“ – кажа Папазов.

На отворената трибина присуствуваа и граѓаните, луѓето кои живеат во станбените згради во Трговскиот ценатр или работат таму. Според нив ако на големиот паркинг се постави ваква платформа тоа би изгледало како бабарога.

„Ќе се изгубат многу пари, со столбови, со пристап за качување, а од друга страна требало некој да седне и да види како се одвива сообрќајот на тој паркинг. Луѓето прво не знаат дека треба да влезат од едната страна да излезат од другата страна, а не да се качи од една и да се симне од истата страна. Сообраќајната писменоста кај нас е еднаква на нула и ова за мене е катастрофално.“

На вчерашната отворена трибина граѓаните на Кочани реагираа и на несоодветната патна сигнализација, како и на затворањето на дуќаните со изграбата на втора коловозна лента на улица Стево Теодосиевски. Од општината одговорија дека се запознаени со проблемите и дека ќе се реагира за поставување на сигнализација и подобрување на сообраќајната писменост во градот.

Лаура Стојанова М-Нет