
Денеска во Штип беше промовирана книгата „Јазикот е чудна ѕверка“ од перото на Марина Костова. Станува збор за хибридна збирка како што ја нарекува самата авторка, во која има повеќе жанрови, кратки лични истории, кои се создавале во период од 20 години.
„Книгата јазикот е чудна ѕверка е една хибридна збирка како јас што ја викам, затоа што содржи жанровски различни делови,. Содржи кратки лични истории, рецензии за филм, есеи, интервјуа, куси записи и настана во еден период од да речеме 20 години со тоа што кусите лични истории кои личат на прозен запис настанаа за време на ковид кризата. Често кога размислува што всушност ги поврзува овие жанровски делови заклучувам дека тоа е меракот за текст, односно мерак за пишување, читање и размислување за јазикот“ – кажа Костова.
За време на пандемијата на Костова и се враќаат реплики од поранешниот живот, кои таа одлучува да ги преточи на лист хартија и да ја создаде книгата.
„Мене ми дојдоа да речеме некои сеќавања од некој живот поранешен, но тие се вообликуваа во текст откако почнав да си ги повторувам некои реплики кои сум ги запамтила како дете како на пример „Момичко не ги влечи пандуфите“ и слично. Тоа се реплики кои сум ги запамтила затоа што се врзани за некакви конкретни моменти и кога се сетив на тие реплики почна да се формира и таа визуелна слика и некако лесно беше тоа да се запише, просто како запис. Јас не се доживувам себе си како писателка , бидејќи јас сум новинарка и филмска критичарка“ – додаде Костова.
За Костова ова е прва книга од ваков тип, претходно била уредник на две изданија на Милчо Манчевски. Книгата е достапна во издавачката куќа Или или во Скопје и кафе книжарница Арт во Штип.
Лаура Стојанова М-Нет