ЈП Стипион ќе работи по нов ценовник, истовремено слободни се две работни места

Општ работник и контролор на паркинг се двете нови слободни места во ЈП Стипион за кои се бараат нови работници. По заминувањето на еден од вработените во пензија и прекин на договорот за работа на друг вработен овие две места сега се слободни, истакна директорот на ЈП Стипион, Игор Ефтимов.

„Треба да го надополниме нашиот план за вработувања, односно еден од вработените самиот си поднесе оставка, додека друг од вработените отиде во пензија, а тоа не било предвидено во минатата година кога се изготвувал планот за вработување и затоа денес правиме дополнување на планот за вработување“ – кажа Ефтимов.

Истовремено, денеска на седница на Советот на Општина Штип беше усвоен и новиот ценовник за работа на ЈП Стипион. Ова следи по покачување на цените на горивата и материјалите за работа.

„Еве само да ја направиме разликата во цени, готривото во 2021 година дизелото сме го набавувале по цена од 56 денари сега е 87,5 денари, цевки Ф110 од 58 денари сега се набавуваат за 83денари, цементот од 5,4 денари за килограм сега е 8,4 денари. За пример во ценовникот кога се користи железото на ЈП Стипион сме го наплаќале за 88 денари, а сега се набавува за 98 денари“ – додаде Ефтимов.

Дополнително, Ефтимов истакна дека со сегашниот број вработени во ЈП Стипион с задоволуваат барањата на граѓаните.

Лаура Стојанова М-Нет