518 инспекциски контроли за една недела: Издадени 210 казни во вредност од над 3,5 милиони денари

Државниот пазарен инспекторат во периодот од 20 до 26 јули спроведе вкупно 518 инспекциски надзори на целата територија на Македонија, при што беа издадени 210 прекршочни платни налози во вкупна вредност од над 3,5 милиони денари. Најголем број прекршочни налози се издадени по Законот за угостителска дејност (75), Законот за финансиска дисциплина (50) и Законот за трговија (44).

Во текот на контролите биле извршени надзори и по повеќе други закони, меѓу кои Законот за заштита од пушење, Законот за метрологија, Законот за заштита на потрошувачите, Законот за занаетчиство, Законот за туристичка дејност и Законот за градежните производи. За дел од надзорите не биле утврдени неправилности, поради што не биле издадени прекршочни налози.

Инспекторите изрекле и 26 опомени, по што во наредниот период ќе бидат спроведени контролни надзори за да се утврди дали субјектите ги отстраниле констатираните недостатоци.

Од Државниот пазарен инспекторат информираат дека инспекциските контроли продолжуваат континуирано во согласност со законските надлежности, годишните и месечните планови за работа, но и по претставки поднесени од граѓани и други институции.

Дајана Сандева, М-Нет