
Во недела со почеток од 12 часот ќе се одржи првото издание на „Трофеј Штип“, меѓународен турнир во пеливанство, а на коj ќе учествуваат натпреварувачи од Македонија, Бугарија, Србија и Грција. „Тројеф Штип“ ќе се одржи на теренот на ФК Кежовица, во штипско Ново Село.
„Финалните подготовки завршуваат веќе 98% можам слободно да кажам од организацискиот аспект е се покриено, останува само да ги повикам сите љубители на пеливанското борење на 11 мај, недела со почеток од 12 часот овде на стадионот на ФК Кежовица и да им посакам да уживаат во гладијаторските борби коишто умеат и знаат да ги прикажат пеливаните од Македонија, Бугарија, Србија и Грција“, вели Дејан Митров за М Нет телевизија.
Конкуренцијата ќе биде жестока како што вели Митров за М Нет телевизија, селекција од најдобрите пеливани, публиката ќе може да ужива во одлични борби, но и одблизу да се запознае со овој спорт, кој е близок до борењето слободен стил.
„Конкуренцијата ќе биде жестока, селекција од најдобрите пеливани кои се од Македонија и Балканот, ќе бидат присутни тука. Верувам дека ќе жестоки борби, публиката ќе ужива, а со тоа ќе може да го презентираме пеливанското борење во нашиот крај и верувам дека во иднина ако прикажиме добро организација и ако има интерес од публиката верувам дека ќе биде традиционален со тоа што ќе имаме еден турнир во кој што знаеме дека досега никогаш не се случил, така да верувам дека традицијата на овој пеливански турнир ќе биде се помасовна и помасовна“, дополнува Митров.
Во пеливанското борење постојат пет категории. Од прва од петта категорија. Овде натпреварувачкиот систем е елиминација, што значи победникот оди напред, а поразениот го завршување настапот. Карактеристично и многу интересно правило е давањето на перде, тоа народски кажано е танц кој го изведува секој пеливан или ритуал, со што ја демонстрира својата моќ. Традиција која е уште пред повеќе од 700 години. По извојуваната победа, победникот оди кон публиката, а публиката во зависно од тоа колку е задоволна парично го наградува пеливанот.
Борбата трае 30 минути, доколку нема победник судиите одлучуваат борбата да оди во продолжение, а тоа значи дека кој ќе освои поен односно да го совлада противникот во партер позиција тој е победникот. Начинот на победа е кога ќе се сврте противникот на грб, старите пеливани велат кога папокот ќе му го виде сонцето, тоа значи дека натпреварувачот е победник.
„Јас сум сигурен дека ќе биде многу масовно посетен овој настан бидејќи се случува за првпат. Луѓето од љубопитност ќе дојдат да видат што се случува, од тука се роди и мојата идеја да направиме турнир бидејќи многу малку луѓе знаат што е пеливанското борење. Сега ја имаат приликата одблизу да видат. Идејата доаѓа од прашања кои ми ги поставуваат многу мои блиски пријатели и роднини и другари сакаат да гледат и да видат и затоа одлучивме јас и мојот организационен одбор да направиме нешто што верувам дека ќе уживаме сите“, дополнува Митров.
На „Трофеј Штип“ свое учество ќе земе и Дејан Митров, кој за М Нет телевизија истакна дека е подготвен и за натпреварувачкиот дел.
„Подготовките во натпреварувачкиот дел навистина се одлични, фала му на Господ нема некои повреди. Можам да кажам дека формата е на некои 90% од максимумот кој го поседувам како јас и другите штипјани кои ќе настапат на овој турнир. Верувам дека ќе има добри борби и уште еднаш ја користам ова прилика да ги поканам сите штипјани да дојдат и да уживаат во овој спектакл“, Митров.
„Трофеј Штип“ е нешто ново кое за првпат се случува во Штип, прв ваков голем меѓународен турнир кој ќе има за цел и да го промовира овој спорт во градот под Исарот.
Александар Ванев, М-Нет