
За дигиталната трансформација на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ денеска се дискутираше на јавна дебата која се одржа во Тренинг центарот на Универзитетот. Документ со заложби се потпиша со две организации со кои и досега се реализираа активности во насока на дигитализација на високото образование и особено на Универзитетот во Штип.
„Нашата визија и визијата на овие две организации се поклопуваат и сфаќаме дека на Универзитетот „Гоце Делчев“ доволно е направено досега, но мора да размислуваме и за иднината, затоа што само така ќе го подготвиме и Универзитетот за оние предизвици коишто следуваат со таа дигитализација. Визијата е преточена во еден документ, којшто официјално ќе го потпишеме денес, го опфаќа стратешкото работење, заложба за организирање различни обуки коишто се потребни за збогатување на дигитални содржини“, вели проректорот Џидров.
Поефикасното дигитализирање на услугите и учењето на Универзитетот придонесува и во бизнис-секторот. Дигиталната трансформација на универзитетите, беше изложено на дискусијата, има придобивки врз студентите, наставниот кадар, но и економијата и развојот на општеството во целина.
„Веќе се чувствува разликата помеѓу младите коишто се навлезени во тие сектори, сегменти, кои поминале на некои процеси на дигитализација, кои се веќе искусни во делот на колаборација со некои онлајн алатки или веќе наметнуваат некои нови трендови и помагаат, предвременски се вклучени во бизнис секторот“, вели Митко Андонов од Еон Еден Маркетинг.
„Дигитализацијата во високото образование не е само потреба и барање, туку и очекување од страна на студентите. Затоа ни е драго што сме повторно во Штип да разговараме на оваа тема и да ги покажеме позитивните и добрите практики коишто Универзитетот ги нуди“, вели комуникологот Бојан Кардалов.
Штипскиот Универзитет има позитивни пракси што ги пренесува и треба да ги преземат и другите високообразовни институции, сметаат студентите, и токму затоа Договорот со заложби се потпишува со нив.
„Треба да разбереме дека веќе дигитализацијата не е некоја желба, туку е базична потреба што студентите треба да ја имаат од причина што веќе живееме во еден свет во кој имаме сто работи и трчањето по шалтери не треба да биде една од тие маки и проблеми за нас како студенти“, вели Бленди Ходаи, директор на Форумот за образовни промени.
Инаку, истражувањата покажуваат дека УГД е најдигитализиран државен универзитет ов државата и овој пример покажува дека ако има добра волја, дигитализацијата не може да се смета за нешто нереално, напротив, таа е нешто што може да се реализира, додаваат од Иницијативата за дигитализација на високото образование.
Ребека Спасова М-Нет