Револт во с. Калаузлија – родители на четвртоодделенци со петиција бараат наставникот Сулиман да биде вратен на децата

Револт во село Калаузлија – родителите на учениците од четврто одделение со петиција бараат на нивните деца да им биде вратен досегашниот наставник Јашар Сулиман. Велат дека тој им предавал од прво до трето одделение и дека децата веќе се навикнати на него и на начинот на работа. Бараат од директорот на ООУ „Крсте Петков Мисирков“ – Радовиш да ја преиспитаат одлуката за промена на наставникот. Родителите сметаат дека со промената се прекинува континуитетот во наставата и дека најважно е да се гледа интересот на децата.

„Бараме да се преиспита одлуката со која на нашите деца им е определен друг наставник, наместо наставникот Јашар Сулиман, кој досега ги воспитуваше и образоваше нашите деца од I до III одделение. Тој ги познава учениците, нивните индивидуални потреби, нивото на знаење, способностите и досегашниот образовен напредок.Не се согласуваме нашите деца да продолжат со наставник за кој родителите сметаат дека не е соодветен за наставата и потребите на ова одделение. Бараме од директорот да ја преиспитаат одлуката за распоредување на наставникот во IV одделение во ПУ с. Калаузлија. Да овозможат наставникот Јашар Сулиман да продолжи со истото одделение и во IV одделение, доколку за тоа постојат законски и организациски услови.“, посочуваат родителите во петицијата до директорот

Во врска со ситуацијата, М Нет телевизија се обрати до директорот на ООУ „Крсте Петков Мисирков“ – Радовиш, со прашања во врска со промената на наставникот и барањата на родителите. До моментот на емитување на прилогот, одговор не добивме на упатените телефонски повици и пораки. Доколку од училиштето дополнително достават одговор или образложение, М Нет телевизија ќе го објави ставот. Родителтие дополнително бараат образложение за причините поради кои наставникот Јашар Сулиман е отстранет од ова одделение и распоредувањето според нив е извршено на поинаков начин.

Иван Митев, М-Нет