Продавниците може да работат и на 7 и 8 Јануари, штипјани сметаат дека треба да има дежурни продавници

И за божиќните празници ќе бидат отворени продавниците, штандовите и киосците кои вршат трговија на мало. На 7 и 8 јануари, недела и понеделник продавниците може да работат ако сами донесат одлука за тоа, но работниците треба да бидат соодветно платени. Премиерот Димитар Ковачевски вели дека ова е по барање на трговците иднетично како што беше за новогодишните празници кога дел од продавниците ги отворија своите врати за граѓанте. Придобивки вели Ковачевски имаат и трговците и работниците и граѓаните.

„Божиќните празници секогаш се период кога граѓаните сакаат да купат подароци, тоа е во целиот свет па и кај нас. За трговците тоа секогаш е добра можност да направат повеќе промет, за работниците во трговијата е можност да остварат подобар приход, ќе бидат платени работниците согласно со Закон за работа во неработни денови, за работа во недела. Мислам дека во тој дел нема да има проблем бидејќи секој работодавец сака да има задоволни работници од кои на крајот на денот зависи компанијата.“ – вели Ковачевски.

Граѓаните во Штип се со поделено мислење, дали продавниците треба да бидат отворени или не. Дел од анкетираните велат дека нема потреба за празниците да работат продавниците, за разлика од друг дел кои се децидни дека треба да има барем дежурна продавница од каде ќе може да се пазарува.

Инаку, Целта на оваа препорака, како што беше образложено од Министерството за економија, е да им се излезе во пресрет на потребите на граѓаните за време на празниците, посебно во помалите градови и места каде нема трговски центри (молови). Исто така, како што беше образложено, за време на божиќните празници е зголемена посетеноста од страна на туристи низ целата држава, поради што има и потреба да се овозможи да пазаруваат, а со што ќе допринесат во растот на потрошувачката во државата.

Лаура Стојанова М-Нет