
По долги 75 дена исполнети со неизвесност, болка и надеж, штипјанката Верица Миленковска конечно се врати во својот дом. Нејзиното семејство ја сподели оваа емотивна вест, нагласувајќи дека и покрај огромниот напредок, најтешката битка сè уште не е завршена.
Верица се здоби со тешки изгореници од втор и трет степен на околу 50 проценти од телото. Следуваше исклучително тежок период – лекување во Скопје, престој во индуцирана кома, транспорт на лекување во Софија, повеќе сложени операции и трансплантација на кожни графтови.
„После 75 дена, конечно дома. Борбата продолжува, а мама уште еднаш докажа дека е вистински борец“, порачуваат нејзините најблиски.
Семејството изразува огромна благодарност до медицинските тимови од Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје, предводен од д-р Билјана Шапова, како и до лекарите од болницата „Н. И. Пирогов“ во Софија, предводени од проф. д-р Маја Аргирова, кои несебично се бореле за нејзиниот живот.
Посебна благодарност упатуваат и до сите хумани граѓани, роднини, пријатели и познаници кои во изминатиот период помогнале со донации и поддршка.
Иако Верица повторно е дома со своето семејство, ја очекува долг и тежок процес на постмедицински третман и рехабилитација. Поради тоа, апелот за помош останува отворен, а секоја донација може да биде значајна поддршка во нејзиното закрепнување.
Семејството уште еднаш им се заблагодарува на сите кои досега покажаа хуманост, со надеж дека Верица успешно ќе ја добие и оваа животна битка.
Донациите за постмедицинскиот третман и рехабилитацијата остануваат отворени.
Банка: Халк Банка
Депонент: Марјан Миленковски
Трансакциска сметка: 270700027967377
Девизна сметка:IBAN: MK07270700051848195 SWIFT/BIC: EXPCMK22
Донации од странство: https://gofund.me/c8ec49007