
Со 71 лице се извршени разговори по огромна трагедија во Кочани, претреси се спроведени во Министерството за економија, а полицијата влезе и во Општина Кочани. Како што посочи министерот за внатрешни работи, Панче Тошкоски, на 14 лица им е одреден притвор во времетраење од 48 часа.
„Вкупно се извршени разговори со 71 лице, од кои 42 лица во Скопје и 29 во Кочани. За 14 лица е изречена мерка притвор во траење од 48 часа. 11 лица им е одредена мерка притвор во врска со постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка опасност против општата сигурност“ додека на три лица им е одреден притвор во траење од 48 часа за „несвесно работење“. Извршени се претреси кај две лица вработени во Министерството за економија. Извршени се претреси кај управителот и одговорното лице на дискотеката, а денеска се влезе и во општината“ – вели Тошкоски.
За целосна истрага разрешени се раководни лица во ОВР Кочани и СВР Штип. Со нив не се извршени службени разговори, а истите се заменети со лица од Скопје. Тошкоски вели целта е истрагата да биде целосна и без притисоци.
„За да обезбедиме целосна независна истрага донесов одлука за разрешување на раководни лица во локалната полиција во ОВР Кочани и СВР Штип и нивно заменување на лица кои се од Скопје“ – додава Тошкоски.
Во меѓувреме ккобната вечер во пожарот со повреди се здобиле 196 лица, од кои 20 деца. 93 повредени се на лекување во скопските болници, а 80 се на лекување во странство.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет