
Одбојкарите на Штип УГД утре во Радовиш го играат реваншот од европскиот Челинџ Куп против норвешкиот Кол Ил. Штипјани веруваат дека може да ја анулираат предноста на норвежаните за да се пласират во следната фаза, откако на првиот меч загубија со 3:1 во сетови во Осло.
Доколку Штип УГД успеа да го елиминира Кол Ил тогаш во следната фаза ќе се соочи со италијански Милано.
„Минатата недела настапивме премиерно во овој Куп со гостинскиот натпревар во Осло, за жал нашиот тим загуби со 3-1, но се надеваме со дека на утрешниот натпревар ќе ја анулираме таа предност на норвежаните и ќе се пласираме во следната фаза на Челинџ купот. Во следната фаза не чека екипата на италијанскиот Милано, така да подобриот од овој двомеч во следното коло ќе игра со Милано“, вели Горан Стаменков, кој е портпарол на ОК Штип УГД
Штип УГД несреќно го загубил мечот во Осло кој го одлучувале ситници, вели Стојанов, кој се надева на добар меч во Радовиш и позитивен резултат.
„Пред се сакам да кажам дека претходниот натпревар беше од поинтересните натпревари што сме ги одиграле во скоро време. Можам да кажам дека несреќно изгубивме бидејќи ситници некои мали детали одлучуваа за победникот. Првиот сет ние ја водевме играта до некој момент 21-13 потоа несреќно изгубивме на разлика 35-33, вториот сет се вративме со ладни глави влеговме на терен и го освоивме тој сет. Потоа третиот и четвртиот сет исто можам да кажам некои мали детали одлучуваа за победникот“, вели Стојанов.
Како што истакнува Арсов ќе треба да се поправат некои ситници за утрешниот реванш меч, пред се во одбраната, блокот, но и да се сервира подисциплинирано.
„Во врска со утрешниот натпревар мислам дека имаме добри шанси секогаш ние влегуваме по позитивен резултат, треба да подобриме некои ситници, некои мали работи, како што е одбраната, блокот, да сервираме подисциплинирано и мислам можеме да извлечеме позитивен резултат секако ако имаме добра публика. Во оваа прилика сакам и да ја поканам публиката утре во Радовиш во СРЦ „25 Мај“ во 19 часот да дојдат во што поголем број да уживаат во тој спортски натпревар, а ние ќе дадеме се од себе да извлечеме позитивен резултат“, вели Арсов.
Во однос на калкулациите за следната фаза само триумф од 3-0 во сетови или 3-1 му оди во прилог на штипскиот тим.
„Би сакал да напоменам дека победа од 3-0 или 3-1 за нашиот тим го води во златен сет, сет кој се игра во тајм брејк до 15, а победа од 3-2 на нашиот тим го води норвешкиот тим понатаму. Значи за нас во игра се победа од 3-0 и 3-1“, дополнува Стаменков.
Реванш натпреварот се игра утре во СРЦ „25 Мај“ во Радовиш со почеток од 19 часот, а влезот ќе биде слободен.
Александар Ванев, М-Нет