Крсте Крстев си заминува од Осогово, неотповиклива оставка по две години на клупата на кочанчани

Крсте Крстев повеќе не е шеф на стручниот штаб на второлигашот Осогово од Кочани, откако одлучи да поднесе неотповиклива оставка од функцијата по две години посветена работа, одговорност и борба за клубот.

Во своето обраќање, Крстев потсетува дека ја презел екипата во еден од најтешките моменти во нејзиното функционирање, кога клубот бил пред колапс. Со многу труд, пожртвуваност и заедништво, според него, успеале да ја стабилизираат ситуацијата, а минатата сезона Осогово прераснало во вистински хит и пријатно изненадување.
Сепак, актуелната сезона донела нови предизвици за кочанчани. Заминувањето на 14 фудбалери и скромниот буџет оставиле квалитативно тенок играчки кадар, но и покрај тоа, Осогово во првите седум кола продолжило да се бори и да му пружа достоен отпор на секој противник.
Крстев нагласува дека борбеноста и вложениот труд не се секогаш доволни во фудбалот, каде што резултатите се неизбежен дел од одговорноста. Токму од морални причини и од чувство на лична одговорност кон клубот, решил да се повлече од функцијата.

„Оваа одлука не е донесена лесно, ниту е резултат на недостаток на верба во клубот или во фудбалерите. Напротив, ја донесувам со чиста совест, знаејќи колку вложивме, низ што поминавме и колку труд беше потребен за клубот да застане на нозе“, порачува Крстев.
Тој особено е горд на сработеното во изминатите две години, потенцирајќи дека од клуб кој бил на работ на колапс успеале да создадат стабилност и да испишат убава фудбалска приказна.
На крајот, Крстев им се заблагодари на фудбалерите, стручниот штаб, управата и навивачите за поддршката и заедничките моменти, посакувајќи му на Осогово многу успеси, стабилност и враќање на победничкиот пат.
По две години исполнети со предизвици, работа и борба за Осогово, Крсте Крстев заминува од клупата на кочанчани, оставајќи ја зад себе функцијата со јасна порака дека неговата одлука е конечна.