
Кошаркарскиот клуб „Кожув“ влегува во новата сезона со подмладен состав, нови амбиции и јасна цел – чекор напред на табелата и борба за место меѓу најдобрите четири екипи во македонската Супер лига.
На прес-конференцијата пред стартот на новото првенство, раководството на гевгелискиот клуб ги претстави плановите, играчкиот и стручниот кадар, како и приоритетите во периодот што следува.
Претседателот Зафир Чучанов потсети дека „Кожув“ во последните две сезони завршуваше на петтото место, но најави дека оваа сезона клубот сака да направи чекор напред.
„Последните две години завршивме на 5-то место во Македонската Супер лига. Оваа сезона, чекор по чекор, целиме да бидеме меѓу првите четири екипи. Очекуваме едно од најнеизвесните првенства досега, со оглед на силата на ростерите кај сите клубови“, истакна Чучанов.
Посебен акцент во клубот е ставен и на младинската академија. За првпат четири генерации на „Кожув“ ќе настапуваат во младинските лиги, а со назначувањето на Перо Блажевски за координатор, работата со младите станува еден од главните приоритети.
Целта е во следните три до четири години да се изгради систем кој ќе донесе конкретни и видливи резултати, а дополнителен чекор кон развојот на кошарката во регионот ќе биде и најавениот меморандум за соработка со КК „Гевгелија“.
Спортскиот директор Александар Димитровски откри дека подготовките на сениорскиот состав започнале на 20 август, а новиот „Кожув“ ќе има и силен локален печат. Седум од 12-те играчи во тимот се од Гевгелија, додека во составот има и тројца странски кошаркари.
Во тимот повторно е и минатогодишниот МВП на Супер лигата од редовите на „Кожув“, Тери Амстронг.
Шефот на стручниот штаб, Мишо Тодоровиќ, порача дека традицијата на клубот носи и одговорност, но и мотив за новата сезона.
„Кожув е клуб со традиција, клуб кој играл финале во Супер лигата и финале во Купот. Тоа е бренд кој опстои долги години на кошаркарската мапа. Наша цел е да дадеме максимум и да се бориме за секој натпревар, за секоја топка и за секоја минута, за да извадиме што е можно подобар резултат“, истакна Тодоровиќ.
Капитенот Илија Колев ја потенцираше младоста на составот и очекувањата за поинаква динамика во новата сезона.
„Не очекува побрза кошарка со друга динамика. Се очекува од нас да се бориме за секоја топка, да дадеме сè од себе и на секој натпревар да се бориме за победа“, порача Колев, кој упати повик и до навивачите, како и до навивачката група „Фантоми“, да бидат ветер во грб на тимот.
Во младинскиот сектор, пак, Перо Блажевски очекува зголемен интерес од младите за кошарката, со надеж дека резултатите и популарноста на сениорскиот тим ќе придонесат за дополнително проширување на академијата.
Новиот „Кожув“ сезоната ја отвора со амбиција за подобар пласман, но и со визија за долгорочен развој. Клубот сака да ја спои младоста, локалниот потенцијал и искуството, а борбеноста на теренот да биде препознатлива одлика на екипата.
Покрај спортските планови, клубот организираше и „Meet the TEAM“, настан на кој гевгеличани имаа можност непосредно да се запознаат со сениорскиот состав, младите кошаркари и членовите на академијата.