Кога виничани ќе добијат кино-сала и затворен градски пазар?

Ќе добијат ли виничани, конечно, кино сала и затворен пазар? Двата проекта, одамна најавени, а делумно и започнати стагнираат во нивната градба поради ист проблем – слаба реализација на градежните работи. Старата кино сала почна да се реконструира пред три години, но Општината го раскина договорот со изведувачот. Договорот беше раскинат и со изведувачот кој го градеше затворениот пазар во Виница. Таму градбата започна пред две години, а минатата година со потпишување анекс Општината го продолжи рокот за завршување на проектот за годинава целосно да го раскине договорот. Причината за тоа е што градежните работи не се одвиваа според планираната динамика, односно за две години беа завршени само 20% од градежните работи. Во однос на овие два проекта, Петков вели оти очекува комплетно да бидат реализирани во текот на 2024 година.

„Планираме да бидат завршени и проектите коишто беа започнати во изминатиов период, а коишто беа прекинати. Тоа се: реконструкција на кино-салата во Виница и изградба на затворениот градски пазар. За кино-салата очекувам овие денови да биде распишана нова јавна набавка, додека за затворениот градски пазар во тек е изработка на измена на проектната документација, па за два месеца очекувам да биде комплетирана техничката документација, по што ќе биде распишана нова јавна набавка и се надевам дека овие два проекта во текот на 2024 ќе бидат реализирани комплетно“, истакна Петков.

Општина Виница нема долгови кон изведувачот којшто го градеше затворениот пазар, а му исплати околу пет милиони денари за работата. Договорот се раскина еден ден пред истекувањето, со што беше активирани и банкарската гаранција во вредност од 1,45 милиони денари.

Затворениот пазар е во вредност од 29,3 милиони денари, а за кино-салата Општина Виница доби 15 милиони денари преку Центарот за развој на Источниот плански регион и Бирото за регионален развој.

Ребека Спасова М-Нет