Даријан Павлев спортист на Кочани за 2025 година, постхумни признанија за фудбалерот Андреј Лазаров и кошаркарот Петар Ивановски

Синоќа во Кочани беа избрани најдобрите спортисти за 2025 година – спортска манифестација во организација на Општинскиот фудбалски сојуз Кочани, а под покровителство на општина Кочани.

На свечената манифестација беа доделени признанијата за најуспешните спортисти, екипи и спортски работници за 2025 година.

За спортист на Кочани за 2025 година беше прогласен Даријан Павлев од боречкиот клуб Спартак, признанието му го врачи градоначалникот на општина Кочани, Владко Грозданов, а на најдобриот спортист за минатата година му беше доделена статуетка и ваучер во износ од 10.000 денари. Меѓу најдобрите тројца се најдоа и каратистите Филип Стојанов од клубот Партизан и Наталија Карова од клубот Кочани.

За најуспешна екипа за 2025 година беше прогласен женскиот фудбалскиот клуб Кочани, кој минатата сезона избори враќање во Првата женска фудбалска лига. Признанието го примија фудбалерките заедно со тренерот Оливер Јовановски, кој пак ја доби и наградата за спортски работник, за негов придонес во раководењето на Сојузот на училишни спортови и афирмација на спортот на локално и државно ниво.

За најдобар тренер за 2025 година синоќа во Кочани беше прогласен Игор Каров од карате клубот Кочани. Дополнително на самата спортска манифестација беа доделени признанија за постигнати резултати на 29 млади надежни спортисти, како поттик за нивниот понатамошен развој и спортски напредок.

Самата спортска манифестација имаше и емотивен момент, кога беа доделени постхумни признанија за фудбалерот Андреј Лазаров и кошаркарот Петар Ивановски, како и за членовите на навивачката група „Сејмени“ Томас Златков и Александар Стојанов, кои животите трагично ги загубија во страотниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март минатата година.

Самиот настан имаше и хуманитарен карактер, средствата во висина од 30.000 денари кои традицијално се наметени за коктел по повод манифестацијата „Избор на спортист на Кочани“ беа донирани на Здружението на граѓани „16 март 2025 година Кочани“ како поддршка во изградбата на спомен-обележјето „Патека на бесконечноста“.

Александар Ванев, М-Нет