
Екипата на Скопје за пролетниот дел се засили на голманската позиција со исксуниот Кристијан Наумовски, со што тимот од Автокоманда добива на искуство, сигурност и стабилност меѓу стативите во битката да се стигне до место во Првата македонска фудбалска лига.
Скопје кој есенскиот дел го заврши на четвртото место со 31 бод, во пролетниот дел ќе се обиде да ја надополни негативата од пет бодови во однос на лидерот Охрид со цел директен влез во Прва лига или пак да заврши на второто односно третото место и да игра бараж за влез во Прва лига.
37-годишниот голман последно настапуваше во Азија, каде настапуваше за Брунеи ДПММ во малезискиот шампионат. Искусниот чувар беше дел од Работнички и Шкупи на домашната сцена, низ својата кареира настапуваше во шампионатите на Бугарија, Романија, Малта и Хонг Конг, а има искуство и со настапи за младинската и сениорската конкуренција.
Наумовски од Шкупи во сезона 2021/2022 беше шампион на Македонија, во сезона 2011/2012 го освои Купот на Романија со екипата на Динамо, а со истата екипа следната сезона го освои Суперкупот односно во сезона 2012/2013.
Во сезона 2015/2016 Наумовски го освои Купот на Хонг Конг со тимот на Пегасус.
Со искуството на Наумовски, Скопје добива квалитет голман меѓу стативите и сериозно ќе напаѓа за Прва лига, а пролетниот дел го отвара против Слога Виница.
Александар Ванев, М-Нет