
Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар со триумф од 2:0 над Железничар на ревијален натпревар го прослави својот 75. роденден.
Најуспешниот македонски фудбалски клуб на арената „Тодор Проески“ во Скопје со погодоците на Филип Јаневски и Ерен Парталко го прослави својот роденден.
На синоќешниот меч, навивачката група „Комити“, исто така славеше 35 години од постоењето, а тоа беше зачинето со неверојатно шоу на трибините на арената во Скопје.
Вардар е најтрофејниот и најпознатиот македонски фудбалски клуб, со освоени 11 национални првенства и 5 национални Купови.
Вардар е формиран во 1947 година кога тогашните скопски фудбалски клубови (и воопшто спортски друштва) „Македонија“ и „Победа“ се соедниниле во еден клуб кој го добил името Вардар и препознатливата црвено-црна боја.
За Вардар, најуспешен период беше кога предводен од Дарко Панчев и Илија Најдоски ја освои југословенската прва лига. Со освојување на лигата, Вардар стана единствениот македонски фудбалски клуб кој го освоил југословенското првенство. По распаѓањето на Југославија и составувањето на македонската Прва Лига, Вардар беше еден од најдобрите клубови. Но, следните шест години успехот на Вардар почна да опаѓа, а успесите се враќаат под водство на тренерот Ѓоко Хаџиевски, со освоени две титули во сезоните 2001/02 односно 2002/03. Во сезона 2010/2011 ФК. Вардар испаѓа од прва лига, но по направената фузија со ФК Миравци останува да се натпреварува во првата лига.
Вардар во својата историја имал многу одиграни натпревари за паметење. Меѓу многуте може да се издвои победата над белградски ФК Партизан со 5:0. Како натпревар со најмногу публика на градскиот стадион во Скопје ќе биде запаметен бараж натпреварот за пласман во првата југословенска лига со Трепча на кој стадионот беше целосно преполнет, а Вардар победи со 2:1. Натпревари за паметење се сите средби на домашен терен со големата југословенска фудбалска четворка (Партизан, Црвена Звезда, Динамо Загреб, Хајдук) на кои стадионот се преполнуваше, а неретко доаѓало и до инциденти помеѓу навивачките групи.
Во првите години од осамостојувањето на Македонија за натпревари за паметење се издвојуваат мечевите со Пелистер. Од најновата историја на клубот најзапаметени натпревари, а воедно и најголем успех на клубот, се во 2003 година кога Вардар за малку ќе се пласираше во ЛШ. Тоа беа средбите на домашен терен против ЦСКА Москва и Спарта Прага.
Вардар во својата досегашна историја има забележано 60 официјални европски натпревари во квалификациите за Лигата на шампионите, во Купот на УЕФА, во Купот на победниците на Куповите, во Интертото Купот и во Митропа Купот. На нив има забележано 14 победи, 17 ремија и 29 порази.
Во 2017-18 во втората рунда од квалификациите на Лигата на Шампионите Вардар се падна со шведската екипа ФК Малме. Првиот натпревар заврши со резултат (1-1) кој се играше во Малме.Во вториот натпревар Вардар со (3-1) победи во Струмица и се пласираше во следната фаза од натпреварувањето со головите на Бобан Грнчаров,Тигран Барсегјан и Бобан Николов. Во третата фаза од квалификациите Вардар се падна со Данската екипа ФК Копенханген. Во Скопје победи Вардар со резултат од (1-0) со голот на Џонатан Балотели.Во вториот натпревар Вардар имаше резултат што го носеше во следната фаза т.е во плеј-офф на ЛШ, но во последните 20 минути прими два гола и резултатот беше (4-1) и беше елиминиран од Лигата на Шампионите. Но, учествувањето во Европските натпреварувања донесе учество во плеј-офот на Лига Европа каде што се паднаа со турските гиганти ФК Фенербахче. Натпреварот во Скопје заврши (2-0) со головите на Тигран Барсегјан и автоголот на Мехмет Топал, а вториот натпревар во Истанбул заврши (1-2) со победа на ФК Вардар, а головите ги постгнаа Џаба Џигаури и Никола Глигоров, со ова Вардар се пласираше во групната фаза на Лига Европа и стана првата екипа што постигнала вакво нешто.Во групната фаза на Лига Европа се падна во групата Л со екипите на Реал Сосиедад, Розенборг и Зенит Саинт Петерсбург. Во деби мечот Вардар во Скопје загуби од екипата на Зенит со резултат (0-5), исто така го загуби мечот против Розенборг (3-1) во Норвешка но првиот гол го постигна Хуан Фелипе и стана првиот стрелец за Вардар кој постигнал гол во Европско натпреварување. Во третиот меч Вардар загуби со (0-6) против Реал Сосиедад.
Првиот европски меч на ФК Вардар бил против ФК Данфермлајн Атлетик каде што изгубил 5-0 во рамките на Европскиот куп на победниците на куповите во сезоната 1961/62. Муарем Зеќир го држи рекордот за најмногу настапи во Европа со 21 одигран натпревар. Рекордот за најмногу постигнати голови во европските натпревари за ФК Вардар го држи Вандеир со 13 голови. Најубедливата победа во европските натпреварувања ФК Вардар ја остварил против ФК Етникос Ахна во Интертото купот во 2004 година остварувајќи победа од 5-1 на двата меча со тоа остварувајќи вкупен резултат од 10-2.
Вардар е првиот македонски фудбалски клуб што се пласирал во групна фаза на Европско натпреварување, откако ги победи Фенербахче во 2017-18 плеј-офф рундата на Лига Европа.
Пред две сезони Вардар испадна од Првата македонска фудбалска лига и минатата сезона (2021/2022) се натпреваруваше во Втора лига – Запад и заврши на третото место. Во тековната сезона (2022/2023) Вардар повторно се натпреварува во Втора лига, втора сезона по ред како второлигаш и важи за голема кандидат за враќање во Првата македонска фудбалска лига.