Тутунарите од Кучица незадоволни од откупната цена и од укинувањето на субвенциите за нивите без договор

Незадоволство од откупната цена на тутунот кај производителите во плачковичкото село Кучица. За М-Нет телевизија велат дека од немај каде, тутунот мораат да го продаваат на пунктовите во село Радање.
Ситуацијата дополнително ја отежнуваат намалениот род годинава и скратените субвенции од 120 на 80 денари, што ги принудува жителите да размислуваат за заминување во странство.
Од мака тутунарите од Карбинци, Радање и плачковичкиот крај бараат барем целиот род да им биде откупен како прва класа.

,,Прва класа 435 денари е, значи на таа цена не сме благодарни, ама нема што да правиме. Тие што немаат пари и што имаат тутун мораат да го продаваат. Лично јас имам два до три тона, ама многу се намалени, сите знаат дека во плачовичкиот регион намалена е тонажата. И субвенциите се намалени многу. Значи кога е бил тутунот 400 денари ние зимавме по 120 денари субвенција, а сега 430 денари, ние имаме субвенција 80 денари. Многу е лоша ситуацијата. Пропаѓа, луѓето бараат или да бегаат во странство или поубава работа, од двете една работа. Во Карбинци има, во Радање, што нема цена, нема, барем се да биде прва класа да се продава.”, вели Ибраими

Бидејќи се се работи на рака и маката е голема, тутунарите велат дека трудот не им се исплаќа и бараат откупна цена од минимум 500 денари и барем 100 денари субвенција.

,,Мака е голема, кој што не е работил не знае. Минимум треба 500 денари и барем 100 денари субвенција. Значи како што тутунот се работи, нема потешко. Се е на рака. Тој што работил знае. Не може само со механизација само да работиш, а трудот да не се исплаќа.”, кажа Ибраими

Дополнителен проблем за тутунарите велат е тоа што државата дава субвенции само за тутунот што е запишан во договорите, па за вишокот род или за нивите без договор нема да добијат пари.

,,Од Владата имаме информација дека колку сме имале договор, толку откуп да има, а оти ние во планината горе немаме ниви со говори и сега и таму ќе имаме некоја мака. Кажуват ако сум извадил два тона, за два тона субвенции ќе зимам, тоа не е правилно. Ако биде така ептен ќе бидеме разочарани.”, рече Ибраими

Инаку, откупот во село Радање веќе се одвива на четири пунктови, откако годинава започна порано иако законскиот рок е 15 декември, а тутунот од прва класа се откупува по цена од 435 денари за килограм.

Иван Митев, М-Нет