Селекторот Седлоски и Гаштаров се надеваат на позитивен резултат против Шкотска на „Хампден парк“

Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва во Глазгов ја очекува дуелот со Шкотска во рамки на Лигата на нациите.

Селекторот на македонската репрезентација, Гоце Седлоски посакува подобро издание на Македонија и прекин на негативната резултатска серија во ова натпреварување.

„Следниот меч е голем меч, со една силна Шкотска. Знаеме со какви играчи располага. Игравме пред еден месец со овој ривал во Скопје и успеа да не победи. Свесни сме за грешките и мора да ги поправиме. Во изминатите три дена трениравме, имаме одлична атмосфера. Играчите се фокусирани и мотивирани. Се надевам дека она што го работевме ќе го покажат и на теренот. Сакам да видам верба, тактички добро да стоиме и да одиграме добар натпревар. Резултатите се такви какви што се, свесни сме и ние и играчите, но се надевам дека со мечот против Шкотска ќе излеземе од негативната серија. Против себе ќе имаме силен ривал, кој го доби Мектоминеј како повратник. Мора да играме храбро, играчите да уживаат и да не се плашиме. Драго ми е што сите репрезентативци добиваат минутажа во клубовите и се надевам дека ќе продолжат и понатаму така“, изјави Седлоски.

Фудбалерот на Црвена Звезда, Матеј Гаштаров е еден од младите фудбалери во нашата репрезентација во овој циклус од Лигата на нациите, кој се надева дека ќе стигнеме до позитивен резултат против Шкотска.

„Кога го носиме дресот на Македонија, мислам дека не треба да бараме посебна мотивација, затоа што самото тоа што сме во А-репрезентацијата ја носи мотивацијата. Играме против голема Шкотска, која има квалитетни играчи, но и ние имаме свои имиња кои се во многу добра форма. Ќе излеземе на теренот да дадеме се од себе и да уживаме. За мене, во дваесет дена ми се смени целиот живот и ова е нешто ново. Гледам кога ќе излезам на теренот да уживам. Играв против многу големи играчи и големи репрезентации, немам притисок и гледам да уживам во моментот“, изјави Гаштаров.

Натпреварот меѓу Шкотска и Македонија се игра вечерва во 20:45 часот по македонско време.

Александар Ванев, М-Нет