Голема победа на македонската репрезентација до 17 години над Унгарија, реми на У-19 со Северна Ирска

Репрезентацијата на Македонија од 19 години одигра 0:0 против Северна Ирска и со тоа освои бод во Турново, во рамките на првиот натпревар од квалификациите за пласман на Европското првенство.

Избраниците на селекторот Димитар Капинковски имаат можност да стигнат до трите бодови, но и гостите беа во позиција, особено во финишот да дојдат до победа, а на крај ремито беше како најреален исход.

Турнирот продолжува в сабота кога Македонија исто така во Турново се среќава со Швајцарија, а почетокот на натпреварот е закажан за 13 часот.

Македонската репрезентација до 17 години забележа голема победа преку пресврт од 3:2 над Унгарија на првиот меч од првата квалификациска рунда за Европското првенство до 17 години.

Унгарија имаше водство од 0:2, а потоа на трите гола на Стефан Ристиќ нашата репрезентација направи комплетен пресврт за победа од 3:2.

На 14. ноември, Македонија ќе се соочи со Сан Марино во второто коло од групата. Турнирот го затвораме со меч против домашната Турција на 17. ноември.

Александар Ванев, М-Нет