Штип со последни подготовки пред Водици, пријавени 60 граѓани за скокање по крстот

Штип ги прави последните подготовки за празникот Богојавление – Водици. ЈП „Исар“ утринава ги чистеше двете локации на кои и годинава ќе се фрла крстот, во населбата Осми ноември и во штипско Ново Село.

„По повод големиот христијански празник, ЈП „Исар“ врши расчистување на локациите каде што ќе се фрла крстот во водите на река Брегалница“, истакна Димитар Белиќ од ЈП „Исар“.

Вкупно 60 граѓани се пријавиле за скокање по светиот крст на двете локации во Штип. Во градската црква „Св. Никола“ пријавени 45 граѓани, а на во црквата во Ново Село 15 граѓани. Пријавувањето за учествување во оваа традиција на празникот продолжува сѐ до утре.

Инаку, утре, на ден пред големиот христијански празник Богојавление – Водици, се одбележува празникот наречен Водокрст, на кој секоја година се извршува голем Богојавленски водосвет. Празникот е познат и под имињата Водокрштение, Водокрст или Водопост како ден на строг пост.

Според верувањето, Богојавление-јавувањето или објавата од Бог, се случува во текот на ноќта во очи на Богојавление, кога за миг се отвора небото за да се вкрстат ветровите што дуваат во зима со оние што дуваат во лето. Исто како што, според Библијата, веднаш по крстењето, а тоа било извршено со три пати потонување во водата, се отворило небото и се слушнал гласот на Отецот Бог кој објавил дека Исус е негов син, а тогаш рамото на Исус слетал Светиот Дух во облик на гулаб.

Исто така, согласно со Законот за празниците, 19 јануари 2023 година (четврток), Богојавление (Водици) е неработен ден за граѓаните од православната вероисповед во Република Северна Македонија. Истовремено, како што стои во соопштението, Министерството за труд и социјална политика им го честита празникот Богојавление (Водици) на граѓаните од православната вероисповед.

Ребека Спасова М-Нет