Се замрзнуваат цените на тестенините и млечните производи, намалувањето е од 10% до 15%

Цените на тестенините ќе се намалат за 15%, на млечните производи за 10%. Владата ја донесе одлуката за замрзнување на цените, која ќе се применува од 16 март до 31 мај 2023 година. Во делот на тестенините се укинува и царината, со што премиерот Ковачевски посочи дека се намалува нивната цена во просек за 8-9 денари во малопродажба, па очекуваат намалувањето да биде поголемо.

„Се замрнува, односно намалува цената на тестенините, кое намалување се предлага да биде за 15%, на цената која се применува во трговијата на мало на 1 март 2023 година, односно во просек за околу 8,00 – 9,00 денари. Се работи за тестенини, односно за макарони и шпагети. Исто така се замрзнуваат и цените на млечните производи и тоа: трајно кравјо млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%, урда, кравјо бело сирење и мешано бело сирење, кравји кашкавал со исклучок на кравји кашкавал без додатоци и пармезан, кисело млеко, павлака и јогурт без додатоци. Највисоките цени на овие производи се утврдуваат на нивото на цените кои се применувале на 1 март 2023 година во трговијата на мало, кое намалување е од 10%“, истакна Ковачевски.

Граѓаните согласни дека цените на основните прехранбени производи треба да се намалат. Велат, намалувањето на цената на лебот влијае позитивно врз буџетот на граѓаните и такво намалување треба да има за повеќето продукти.

Министерот за економија, Крешник Бектеши, на прес-конференцијата најави дека е можно намалување на цените и на други продукти. Следната недела ќе се направат анализи и за шеќерот, јајцата и оризот, чии цени најверојатно ќе бидат замрзнати ако производителите не ги намалат.

Ребека Спасова М-Нет