Осогово забележа важен триумф, Брегалница под водство на Наумов го совлада Вардарски, триумф за Башкими и Борец!

Вонредното 19. коло на Втората лига донесе некои изненадувања кога се во прашања резултатите. Осогово го шокираше Детонит Плачковица среде Радовиш откако го доби мечот со минимални 0:1 со што тимот на Крсте Крстев се израдува на прва пролетна победа и со тоа ја продолжува борбата за директен опстанок во Втора лига.

Преку пресврт со 2:1 и Борец ја совлада Каменица Саса на домашен терен, па тоа дополнително ја разгорува борбата за опстанок во Втората лига.

Брегалница под водство на новиот тренер Ристе Наумов со 2:0 го совлада „фенерџијата“ Вардарски, тим кој е прв кандидат за испаѓање во Трета лига – Исток.

Арсими забележа минимален триумф од 1:0 против Победа, минималец имаше и Охрид против Вардар од Неготино, како и Скопје кој беше минимално подобар со 0:1 против Кожуф во Гевгелија.

Ранетите „лавови“ беа убедливи против Новаци, екипата на Македонија ЃП триумфираше со 4:0, а на голема победа се радуваше и тимот на Башкими кој преку пресврт со 1:2 славеше против Беласица во Струмица.

Од аспект на табелата нема промени. На врвот од Македонија ЃП со 44 бодови, следува Башкими со 42 бодови и Брегалница која е трета со 40 бодови. Арсими е на 4. место со 36 бодови, потоа доаѓа Саса и Охрид за делба на петтото место со по 31 бод, Детонит Плачковица е седми со 29 бодови, а толку има и Скопје, а пак Кожуф е деветти со 27 бодови.

Веднаш пресек на табелата Беласица е на десеттото место со 22 бодови, Победа е место подолу со 21 бод, а по 20 бодови имаат Новаци и Вардар Неготино.

Во бараж зоната останува Осогово со 13 бодови, Борец е претпоследен со 10 бодови, а на дното е Вардарски со само пет бодови.

Александар Ванев, М-Нет