Новоселци и годинава организираа панахида во чест на ликот и делото на Тодор Александров

И годинава во црквата „Успение на пресвета Богородица„ во Ново село во Штип беше организирана панахида во чест и помен на ликот и делото на Тодор Александров. Овој настан се одбележува секоја година започнувајќи од 1995 година, а како што истакна организаторот, посетеноста и интересот на граѓани е се поголем. Новоселци со почитување на мерките за заштита од ковид 19 и годинава се собраа во храмот во нивната населба за уште еднаш да се потсетат и да го одбележат 31 август денот на кој бил убиен Александров.

„Денеска 31 август е тажен ден за новоселци, а верувам и пошироко. На овој ден 1924 година е убиен на подмолен и предавнички начин големиот македонски војвода и револуционер Тодор Александров. По тој повод денеска новоселци, здружението на граѓани од Ново село секоја година организираат панахида во чест и помен на делото и ликот на Александров“ – истакна Тоше Ристов, организатор.

Денешниот настан е во организација на новоселци, односно на луѓето кои што се горди што на ова место се родил еден од најголемите македонски великани Тодор Александров.

„Ние „помладите“ генерации сме растеле со неговиот лик и дело, он ни бил светла точка дека борбата за Македонија па давајќи го и својот живот за нејзе е некој најсветол чин што може да го има патриот човек, македонец кој што се доживува како горд што се родил во Македонија“- додаде Александар Пандов, аналитичар

Пожртвуваноста на Александров не смее да биде заборавена, додаде Пандов и токму заради таа цел утринава новоселци беа собрани за да му дадат чест.

Лаура Стојанова М-Нет