МЗТ Скопје Аеродром и ТФТ во дуел за Суперкупот на Македонија

МЗТ Скопје Аеродром и ТФТ, вечерва (19.30 часот) во СРЦ „Кале“, ќе се борат за десеттиот трофеј во историјата на Суперкупот. МЗТ Скопје Аеродром е во улога на бранител на трофејот „Драган Василов-Цевка“. Во ланското, обновено издание, беа подобри од Работнички.

Александар Петровиќ, предводникот од клупата на популарните „металци“, очекува добар натпревар кој е вистинска проверка за неговата екипа која за неколку дена ќе се врати во друштвото на најдобрите екипи во Јадранската лига, со дуелот против Црвена Звезда во Белград.

„Очекувам еден добар натпревар пред се, добро отворање на сезоната. Сакам полна сала, да биде добра увертира за она што ни следи. Оваа година МЗТ го чека доста тешка сезона, пред се во АБА-лигата, затоа што ќе имаме доста обемен календар. ТФТ сигурно е екипа за респект, пред сè, има добар ростер на домашни играчи и нови странци. Ланклан Андерсон им се врати во тимот, сигурно и дека со настапот во квалификациите за Лигата на шампионите покажаа дека имаат квалитет. Неслучајно беа и домаќини на турнирот, сигурно дека имаат и гледаат свои шанси. Очекувам еден добар дуел. Ние сигурно имаме поголемо искуство затоа што играме со години во континуитет во АБА и во АБА-2, така што очекувам генерално една добра сезона“, вели тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Александар Петровиќ.

Боро Смилковски и неговиот ТФТ веќе ја „стартуваа“ новата сезона. Беа дел од квалификацискиот турнир за ФИБА лигата на шампионите кој изминатиот викенд го организираа во Скопје. А дуелот во СРЦ „Кале“ за првиот тренер на екипата од Тафталице треба да даде малку „појасна слика“ за новиот ростер.

„Суперкуп на Македонија, за нас уште еден од низата натпревари кои може да ни ја појаснат сликата за оваа наша ‘нова’ екипа – пред почетокот на лигашките натпревари како и пред почетокот на АБА 2 лигата – натпреварувања кои се наш приоритет оваа година. Екипата на МЗТ Скопје Аеродром е фаворит, АБА 1 лигаш и сериозна екипа која што одлично ги одработе подготовките, со исклучок на последниот натпревар против ПАОК. Имавме можност да гледаме дел од натпреварите, и иако на моменти покажаа супериорност во однос на ривалите, сепак како и секој имаат и свои слабости кои ние ќе пробаме да ги искористиме на денешниот натпревар. Нè очекува едно силно темпо и доколку успееме да ја исконтролираме нивната агресивност, парираме во скокот и имаме една шутерска вечер – се надевам дека после Купот, ќе можеме да дојдеме и до трофејот од Суперкупот на Македонија“, истакнува Боро Смилковски.

Текстот МЗТ Скопје Аеродром и ТФТ во дуел за Суперкупот на Македонија е превземен од МАКФАКС.