
Утре во Струга со дербито за опстанок од долниот дел на табелата помеѓу Караорман и Слога од Виница ќе биде комплетирано 17. коло од Втората македонска фудбалска лига.
Дерби меч од огромна важно и за двете екипи на патот за обезбедување на директен и сигурен опстанок во второлигашкото друштво. Три бода кои може многу работи да променат и многу веројатно во мај ќе се покажат како пресудни за опстанокот и на двете екипи.
Караорман е во длаба резултатска криза на последните пет натпревари нема триумф, а на последни два има високи порази, од Гостивар (5:1) и од Воска Спорт (4:1). Караорман беше инфериорен во однос на овие два противници кои и дефинитивно ги имаат најквалитетните тимови во Втората лига, па стружани можеа да постигнат по еден гол против двете екипи, а да примат дури девет, што е јасен знак дека црвениот аларм мора да биде вклучен бидејќи утрешниот меч е од огромна резултатска важност, бидејќи со пораз Караорман може да се втурне во многу комплицирана ситуација и да води повеќе од тешка борба кога е во прашање опстанокот.
Слога во Струга би била задоволна и со бод, но секако виничани патуваат максимално мотивирани да врзат втора победа, откако во првото пролетно коло со 4:0 го „прегазија“ „фенерџијата“ Борец од Велес, па тоа ќе биде повеќе од јасен мотив за избраниците на Крсте Крстев да дојдат до својата четврта сезонска радост.
Слога е квалитетно засилена во однос на есенскиот дел, помина и низ успешни зимски подготовки, а потврда за тоа беше убедливата победа во првото пролетно коло.
Денешните резултати се „полн погодок“ за Слога кога е во прашање опстанокот, бидејќи директните конкуренти на Слога за опстанок Борец, Тетекс, Каменица Саса, Кожуф и Локомотива забележаа порази.
Караорман утрешното дерби го стартува од десеттото место со 20 бодови, додека пак Слога ќе стартува од 13-тата позиција со 13 бодови. Реми или триумф за Караорман ќе значат сигурен исчекор кон опстанокот, додека пак реми или триумф за Слога ќе значи конечен излез од директната зона за испаѓање и ќе се искачи на 12-тото место со 14 или 16 бодови во зависност од утрешниот исход.
Правдата ќе ја дели Благојче Ралевски од Битола, а ќе му помагаат Владимир Митревски и Јовче Кокевски, исто така од Битола, додека пак четврт судија ќе биде Дарко Котевски од Битола.