Во Истокот најмал интерес за вакцинација, се размислува за рестриктивни мерки наесен

Според информации од Министерството за здравство, во помалите градови од Истокот има најмал интерес за вакцинација. И покрај тоа што медицинските тимови велат дека заинтересираноста е задоволителна, Министерот за здравство, Венко Филипче, истакна дека тие ја следат ситуацијата и апелираат на што помасовна вакцинација.

„Имаме точна анализа. Во некои од помалите градови во источниот дел на државата има мал опфат со вакцинација. Прилично е висок во Охрид, во Битола, околу 40 проценти“, изјави Министерот за здравство, Венко Филипче.

Инаку, засега нема голем притисок врз болниците, бидејќи и бројот на новозаразени пациенти со Ковид-19 не е рапидно зголемен. Поради тоа, нови рестриктивни мерки во земјава нема. Меѓутоа, се размислува за нивно воведување наесен. Филипче истакна дека засега не е во план воведување на рестриктивни мерки ниту на границите, ниту во земјава за организација на настани и масовно присуство на истите. Тој додаде дека и покрај зголемениот број новозаразени случаи во Грција и Србија, нема потреба од воведување мерки на границата. Но размислуваат за можни рестриктивни мерки на почетокот од септември, во средината на септември или на почетокот на месец октомври. Сепак, од Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести ја следат ситуацијата, како и дебатите кои се водат во другите земји во однос ова прашање.

„Секаде во светот сега има една дебата, што и како треба да се прави. Размислувањата одат во правец на тоа дали треба да се прави некаква рестрикција во однос на граѓаните коишто не се вакцинирани. Зошто да ги загрозуваат сите тие коишто имаат можност да се вакцинираат, а не го прават тоа од какви било причини? Еве, некои земји воведуваат брзи антигенски тестови за влез во маркети, места за културни настани итн. Размислуваме за тоа, сè уште одлука не сме донеле. Меѓутоа, ако процениме дека ризикот од невакцинираните кон генералната популација, вклучувајќи ги и вакцинираните е доволно голем, ќе воведеме рестриктивни мерки“, потенцираше Филипче.

Тој потенцираше дека рестрикциите кои се најавуваат, главно, се однесуваат на невакцинираните граѓани. Затоа најави дека ќе продолжат со кампањите за масовна вакцинација и ги мотивираше граѓаните да се одлучат на тој процес.

Лаура Стојанова МНет