(Видео) Торнадо однесе 14 животи во Америка, се трага по преживеани

Најмалку 14 лица загинаа во торнадо и невреме со силен ветер и грмотевици што синоќа ги зафати американските сојузни држави Мисисипи, Алабама и Тенеси, соопштија локалните и федералните власти.

Торнадото остави штета на околу 100 километри простор во Мисисипи, објави „Еј-би-си њуз“.

Во тек се операции за пребарување и спасување во окрузите Шарки и Хемфрис, соопшти Агенцијата за управување со вонредни состојби во Мисисипи, се додава во извештајот.

Бурното време донесе и град со големина на топчиња за голф во неколку сојузни држави во јужниот дел на САД, поради што властите издадоа „опасност за животите на луѓето“, пренесува АП.

Националната метеоролошка служба потврди дека торнадото предизвикало значителна материјална штета во област на 96 километри североисточно од Џексон, Мисисипи.

Градовите Силвер Сити и Ролинг Форк претрпеа штета од торнадото, кое продолжи да се движи североисточно со 70 километри на час без да ослабне, кон Алабама во правец на Вајона и Амори.

Торнадото уништи многу згради и ја онеспособи мрежата за дистрибуција на електрична енергија, се вели во извештајот на Националната метеоролошка служба, пренесе АП.

Текстот (Видео) Торнадо однесе 14 животи во Америка, се трага по преживеани е превземен од МАКФАКС.