
Викендот нема прволигашки и второлигашки фудбал во Македонија поради репрезентативната пауза, а 15 одиграни кола во Првата македонска фудбалска лига се доволно за еден пресек на досегашните постигнати резултати од 11-те прволигаши.
Струга ја игра најдобрата сезона во Првата македонска фудбалска лига и засега сигурно „гази“ кон прва историска титула во фудбалската елита на Македонија. Стружани силно ја посакуваат титулата, која за првпат би се нашла во витрините на прволигашот покрај езерото. Струга минатата сезона собра 47 бодови и заврши на шестото место, а пак пред две сезони заврши на третото место со 57 бодови и обезбеди историски излез во Еворпа, па со сигурност можеме да кажеме дека Срѓан Захариевски успешно ја води Струга и во тековната сезона, бидејќи стружани имаат 30 бода по 15 одиграни кола.
Струга одигра 14 натпревари и собра 30 бодови со што се наоѓа на врвот од табелата со скор од 9 победи, три ремија и два порази и гол разлика од 23 постигнати и девет примени погодоци.
Ваквиот резултат е далеку подобар од претходната сезона и сосема сигурно е дека Струга е на вистинскиот пат кон историска титула. Пет бодови е солидна предност во однос на шампионот Шкупи, кој е втор со 25 бодови, но и натпревар помалку.
„Гулабите“ од Чаир имаа кратка резултатска криза при промена на тренерското столче, за на крај Гоце Седлоски по неколку натпревари да се врати повторно на кормилото на македонскиот фудбалски шампион.
Шкендија на последните три натпревари нема триумф, и со тоа се спушти на третото место на табелата со 24 бодови. Четата на Ќатип Османи го загуби и дербито со Струга покрај езерото со минимални 1:0, откако претходно одигра 1:1 со Академија Пандев, а реми забележа и во Кратово против Силекс со идентични 1:1.
Силекс е повратник во прволигашкото друштво, откако по една сезона помината во Втора лига – Запад, кратовци експресно се вратија во елитата и бележат високи резултати. Силекс посакува „виза“ за Европа преку првенство, а на „европска виза“ атакува и преку Купот на Македонија, каде обезбеди полуфинале, откако го исфрли второлигашот Вардар во пенал-рулетот.
Силекс е четврти на табелата со 23 бодови, еден помалку од третопласираната Шкендија и има иста форма од последните пет натпревари како и екипата на Османи. Две победи, потоа две последователни ремија и пораз во последното коло од Академија Пандев со високи 3:0 во Струмица.
Ѓорѓи Мојсов се покажа како идеална тренерска замена за Влатко Костов, кој си замина од Кавадарци. Мојсов резултатски го „дигна“ Тиквеш и по 15 кола во ПМФЛ прволигашот од Кавадарци има 22 бодови и се наоѓа на високото петто место и атакува и на излез во Европа.
Минатата сезона Тиквеш преку баражот со Воска Спорт во Струмица (4:1) го сочува прволигашкиот статус, а сезонава „склопи“ тим со кој кавадарчани прават притисок кон местата кои водат во Европа.
Пред две недели големо изненадување се случи во Штип, кога неочекувано шефот на стручниот штаб, Илчо Ѓорѓиоски и спортскиот директор на клубот, Никола Тонев си поднесоа оставки, а Брегалница истите ги прифати.
Штипските „сини“ сè уште го немаат решено тренерското место, а привремен тренер е Лазар Илиев, кој ја водеше Брегалница во четвртфиналето од Купот на Македонија, каде штипјани беа поразени од Струга, со што ги завршија настапите во Купот, додека пак во првенството, привремениот тренер Илиев извлече бод во Ѓорче против Македонија ЃП (0:0), во меч каде „сините“ одиграа одлично и можеа дома да се вратат и со целиот „плен“.
Брегалница е на шестото место со 20 бодови и бодовно е блиску до местата кои водат во Европа, па шансите за излез во Европа не се загубени. По завршувањето на репрезентативната пауза Брегалница ќе игра против шампионот Шкупи на гостински терен, но тоа секако нема да биде теренот во Чаир, откако Шкупи поради инцидентите во четвртфиналето против Шкендија од Купот на Македонија беше санкциониран, па домашните натпревари треба да ги игра на стадионот кој е 100 километри оддалечен од домашниот терен. Шкупи во претходното коло со Скопје како домаќин играше во Кичево, останува да видеме дали повторно Шкупи ќе го пријави Градскиот стадион во Кичево за домашен терен во мечот против Брегалница.
За штипјани тоа дава надеж за изненадување, бидејќи и двете екипи практично ќе играат на неутрален терен, Шкупи како адут нема да го има домашниот терен ниту пак домашната публика, па тоа е уште една олеснителна околност за Брегалница.
Што се однесува до меѓусебните дуели на овие две екипи Брегалница е поуспешна. Во првото нивно соочување на 4 септември годинава, Брегалница со 2:0 славеше над Шкупи, а во последниот дуел од претходната сезона Брегалница однесе победа од 4:1 на домашен терен, односно се „одмазди“ за поразот од 5:0 на гостински терен.
- Меѓусебни дуели на Шкупи и Брегалница:
04.09.2022 Брегалница 2:0 Шкупи ПМФЛ
30.04.2022 Брегалница 4:1 Шкупи ПМФЛ
29.10.2021 Шкупи 5:0 Брегалница ПМФЛ
08.08.2021 Брегалница 0:0 Шкупи ПМФЛ
21.05.2017 Шкупи 3:0 Брегалница ПМФЛ
05.04.2017 Брегалница 3:0 Шкупи ПМФЛ
27.11.2016 Шкупи 1:1 Брегалница ПМФЛ
25.09.2016 Брегалница 1:0 Шкупи ПМФЛ
24.04.2016 Брегалница 2:0 Шкупи ПМФЛ
10.04.2016 Шкупи 2:2 Брегалница ПМФЛ
28.10.2015 Шкупи 0:0 Брегалница ПМФЛ
21.10.2015 Шкупи 1:0 Брегалница КУП
30.09.2015 Брегалница 2:0 Шкупи КУП
23.08.2015 Брегалница 1:2 Шкупи ПМФЛ
15.05.2005 Шкупи 2:3 Брегалница ПМФЛ
06.03.2005 Брегалница 4:1 Шкупи ПМФЛ
03.10.2004 Шкупи 4:1 Брегалница ПМФЛ
Македонија Ѓорче Петров минатата сезона доминираше во ПМФЛ обезбеди излез и во Европа, но сезонава е далеку од доминацијата барем по овие 15 одиграни кола. „Лавовите“ од Ѓорче имаат 17 бодови и се наоѓаат на седмата позиција на табелата. По малата резултатска криза, Македонија ЃП на последните пет натпревари има пораз, потоа победа, реми, победа и реми со Брегалница (0:0).
Работнички е на осмата позиција на табелата со 15 бодови и никако да се одлепи од бараж зоната. Во следното коло „романтичарите“ ќе имаат притисок за три бода во скопската пресметка со Македонија ЃП.
Пораз воопшто не му оди во прилог на Работнички, бидејќи во таков случај може да „падне“ на деветтото место на табелата односно во бараж зоната доколку Академија Пандев забележи триумф против последнопласираниот Скопје. За „романтичарите“ дуелот со „лавовите“ ќе има тежок и повеќе од важен.
Со четири бода од последните два натпревари Академија Пандев конечно излезе од резултатската криза. „Пандевци“ од Тетово се вратија со голем бод откако одиграа 1:1 против Шкендија, а пак на домашен терен со 3:0 го совладаа Силекс и со тоа се искачија на деветото место на табелата со 12 бодови.
Пред струмичкиот прволигаш е нов предизвик – триумф во Автокоманда против последнопласираниот Скопје, па во случај на пораз на Работнички, тогаш Академија Пандев ќе биде на осмото место на табелата и со тоа конечно ќе излезе од бараж зоната.
Академија Пандев лани заврши на второто место на табелата и излезе во Европа, но сезонава е далеку од формата и квалитетот што го имаше во минатата сезона.
Победа се спушти до претпоследното место на табелата, односно до 10-тото место, откако нанижа два последователни порази. Победа по неколку години поминати во Втора лига – Исток се врати во прволигашкото друштво, но враќањето во фудбалската елита на Македонија е сведено на опстанок.
Прилепчани имаат 11 бодови и ги очекува тешка сезона кога е во прашање директниот опстанок, односно избегнувањето на бараж дуелот за опстанок.
На дното од табелата со шест бодови е „закован“ Скопје. „Пиратите“ од Автокоманда минатата сезона преку бараж се спасија откако во Штип со 2:1 славеа над Беласица и го задржаа прволигашкиот статус, но сезонава ќе биде далеку потешко отколку лани, кога е во прашање опстанокот.
Скопје на последните пет натпревари собра само два бод (реми со Работнички 0:0 и реми со Силекс 0:0), а во досегашниот тек од сезоната запиша само една победа, три ремија и нанижа девет порази.
- ЦЕЛА ТАБЕЛА ОД ПРВА ЛИГА:
