
Ракометната селекција на Македонија со пораз го започна мундијалот кој што се одржува во Египет. Ослабената Шведска сепак беше пресилна за подмладениот тим на Македонија кој некако одржуваше резултатска рамнотежа во првата третина од натпреварот а на крајот резултатот беше 32:20. Сепак ова нека биде големо искуство за нашите особено млади играчи кои за прв пат во својата ракометна кариера настапуваат на едно вака големо натпреварување. Без да ги потенцираме, неколкумина од нив ги запишаа за прв пат своите имиња како стрелци на голови во светската историја на ракометните мундијали. Македонија во својата група по распоредот ќе одигра уште два натпревари а за пласман понатаму потребна ќе биде само една победа. Противник на Македонија во сабота на 16 јануари ќе им биде селекцијата на Египет а на 18 јануари ќе играме против Чиле. Радува податокот што нашиот најискусен и најефикасен играч Кире Лазаров, кој овде во Египет на 19 годишна возраст пред 22 години ја започна својата кариера и го постигна првиот гол а синоќа на натпреварот со Шведска беше наш најефикасен играч со 5 постигнати голови. Една спортска битка е загубена, но остануваат уште две „битки“ за да се добие ракометната „ војна“ за пласман понатаму на Светското првенство во Египет.
Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk