
Женскиот фудбалски клуб Кочани и во новата сезона ќе се натпреварува во Првата женска фудбалска лига, но клубот се надева на подобра сезона од ланската, кога заврши на претпоследното место и мораше преку бараж да бара опстанок во елитното друштво.
Поранешниот шампион на Македонија минатата сезона го совлада тимот на Билјанини Извори со висок резултат од 7:3 и обезбеди опстанок, но во новата сезона дефинитивно овој клуб ќе сака подобар резултат и директен опстанок, а за што ќе треба и да се изгради соодветно квалитетен ростер за да одговори на тој предизвик.
На стартот од новата сезона Кочани ќе има тешка задача бидејќи во првото коло ќе гостува кај шампионот Скопје, во меч каде повеќе од јасно е оти бранителот на титулата ќе биде апсолутен фаворит за трите бодови.
Новата сезона ќе стартува на 23 август со мечевите од првото коло, а како и ланската сезона и во новата сезона последниот тим испаѓа директно, а претпоследниот ќе игра бараж за опстанок со второпласираниот тим од Втората женска фудбалска лига.
Александар Ванев, М-Нет