Како ќе изгледа Суперлигата, а како Првата ракометна лига во новата сезона?

ФОТО: Телевизија М Нет

Со одигрувањето на вчерашниот бараж меч заврши сезоната во Суперлигата и Првата ракометна лига, а со тоа го имаме и конечниот изглед за следната натпреварувачка сезона.

Во Суперлигата следната сезона ќе се натпреваруваат 12 екипи, откако оваа сезона се одлучи лигата да се скрати за дури пет екипи. Во следната сезона ќе се натпреваруваат шампионот Еурофарм Пелистер, Вардар, Алкалоид, Охрид, Тиквеш, Бутел, Пролет, Струга, Прилеп, Куманово, повратникот Радовиш и дебитантот Бисинов од Велес кој за првпат ќе заигра во ракометната елита на Македонија.

Кратењето на Суперлигата ќе значи и зголемување на квалитетот на истата, со оглед на тоа што тука веќе се селектирани екипи кои располагаат со сериозни суми на буџети, а за следната сезона ќе значи и сериозно да се вложуваат многу повеќе финансии.

Во однос на Првата ракометна лига тука ќе има 19 екипи, но овој број може да биде променет, во случај ако некоја екипа се откаже од натпреварување, претрпи фузија или евентуално има новопријавени екипи.

Во следната сезона во Првата лига ќе се натпреварува Младост од Богданци, Драчево, Металург, Јехона, Македонија ЃП, Шампион, Овче Поле, Партизан од Гевгелија, Кичево, струмичкиот Астраион, штипски Текстилец, Преспа Вардар од Ресен, Борец, како и шесте екипи кои испаднаа од Суперлигата, Еурофарм Пелистер 2 преку баражот, Аеродром, Скопје, Голден Арт, Мулти Есенс и Вардар Неготино.

Во Првата ракометна лига во новата сезона ќе се натпреваруваат екипи кои ќе имаат амбиции да се вратат веднаш во ракометната елита и екипи кои ќе вложуваат, па тоа ќе значи дека и тука ќе се подигне квалитетот и борбата за плеј-офот ќе биде голема.

Александар Ванев, М-Нет