Некогаш најкористено – сега веќе заборавено, лејки од бавчата на Стојан на пазарот во Кочани

Предмет за црпење вода создаден од тиква, некогаш го имало во сечиј дом, а сега едвај некој се сеќава како изгледа. Стојан Данилов од кочаснко Тркање од својата бавча на пазарот во Кочани продаваше лејка, растение од семејството тикви со плод во форма на круша. Кога тиквата создрева се прави отвор кој служи за црпење вода, а е доста издржлива и некогаш најмногу користена.

„Се служе вода, се црпеше топла вода или вода од кладенец кога немаше чешми водовод. Инаку, се прави отвор и се црпи вода со него, особено во казан топла вода. Издржлива е, тоа е нешто дрвенесто растение. Кога ќе созреат се отвораат, може да се црпи вода со него оти рачката не се загрева.“ – вели Данилов.

Некогаш најкористена денеска граѓаните не знаат што е лејка, вели Данилов. Честопати застануваат и прашуваат за неа оти им изгледа интересно и привлекува внимание.

Годинава има околу педесетина лејки, а вели и во неговиот дом се користат се поретко. Дециден е дека со новите времиња идните генерации нема да знаат што е лејка, а ова како сад за вода ќе остане само историја.

Лаура Стојанова М-Нет