
Во сабота започнува пролетната полусезона во Втората македонска фудбалска лига, а тоа значи продолжување на фудбалските возбудувања кај второлигашите.
Пролетниот дел ни носи голема неизвесност кога е во прашање опстанокот во второлигашкото друштво, борбата за опстанок ќе ја водат повеќе екипи кои се загрозени кога е во прашање опстанокот.
Вардарски, Борец, Осогово ќе имаат најголем предизвик за опстанок, а загрозени се и Вардар Неготино и Победа. Овие екипи ќе ја водат пролетната борба за потврда на опстанокот во Втората лига.
Вардарски е последен на табелата со пет бодови на своето конто, имаше скор од една победа, две ремија и 12 порази, а овој тим и се засили со најмногу играчи вкупно 15. Второлигашот од Богданци се засили со Мирон Илиевски, Марко Ристов, Марко Софијановски, Даниел Васиќ, Алтин Нурединовски, Лука Јакимовски, Даријан Трајчов, Кристијан Димитров, Ахмед Домазет, Давид Ашовалиев, Филип Лазаревски, Бењамин Дерми, како и Емуш Елмаз, Благој Мендов и Мухамед Ибрахими.
Вардарски во вториот дел од сезоната ќе биде предводен од тренерот Ставре Ташев, кој ќе има навистина тешка задача за да го обезбеди опстанокот.
Со пет бодови на претпоследното место или во зоната за директно испаѓање е и велешки Борец. И велешани го имаат истиот учинок во есенскиот дел како и тимот од Богданци.
Борец го ангажираше искусниот стратег Горан Симов кој ќе треба да го спасува Борец од испаѓање во Трета лига – Југ, откако клубот минатата сезона беше дел од третолигашкото друштво.
Клубот официјално ги промовираше Онур Емини, Стојан Стојчевски, Никола Анчевски, Бујар Хајдари и голманот Матеј Андов.
Второлигашот Осогово од Кочани не се прослави многу во есенскиот дел, собра осум бодови и се наоѓа во бараж зоната за опстанок. „Жетварите“ од Кочани промовираа пет играчи со кои ќе се обидат да го подигнат квалитетот во тимот со цел да изборат опстанок.
Нови имиња се искусниот Владимир Жоглев, Давид ристовси, Кристијан Ристовски, Грегори Давков и Дамјан Стојковски.
Осогово го назначи искусниот стратег Крсте Крстев да го води во пролетниот дел со една цел – опстанок во Втората лига.
Тешка пролет ќе го очекува и Вардар Неготино кој се надева на добра игра и со тоа обезбедување на ран опстанок и мирна завршница од сезоната. Тимот на Горан Тодорчев е засилен со Дестан Адили, Невен Костадинов, Марко Стојчески, Глигор Шиков, голманот Кристијан Ѓорѓиевски и Матеј Јаневски.
Клубот го засили стручниот штаб и со Горан Стојановски кој е нов кондиционен фитнес тренер.
Победа е пред Вардар Неготино, но двете екипи имаат по 14 бодови за делба на 12-тото место. Целта на Победа е како таа на тимот од Неготино, рано обезбедување на опстанокот и мирна завршница од сезоната.
Предводеникот на прилепчани Стојанче Дунимаглоски доби неколку засилувања во тимот како Младен Љумовиќ, Каба Јусуф, Петар Петроски, Исмаил Бектеш и Метин Ќерими.
Во рамки на првото пролетно коло Вардарски дома ќе игра со Скопје, Борец против Башкими, Вардар Неготино во директно дерби со Осогово, а пак Победа дома против Брегалница.
Александар Ванев, М-Нет