
Во Истокот од државата продолжува традицијата за Велигден да се купи земјен производ. Ова е пред се најмногу застапено во Кочани, но делумно адетот се продолжуваше и во Штип. За пристапни цени граѓаните можеа да купат различни производи од глина, убаво направени, декорирани и подготвени за користење.
„Во Штип е помалку за разлика од Кочани, се купува се, тавче гравче, каленици, тави. Цените се пристапни за граѓаните.“ -вели Лазаревски.
Љупчо Лазаревски од Злетово, долги години се занимава со производство на земјени производи. Вели тој и мајсторот со кој работи се единствените во Злетово кои се уште работат и прават производи од глина. Станува збор за тежок занает, вели Лазаревски бидејќи е потребно повеќе време за да се научи техниката на работа. Но, загрижува фактот што младите не се заинтересирани за продолжување на овој занает.
„Јас работам заедно со мајсторот , двајца сме. Тежок занает е да ви кажам. Млади не сакаат да учат. Не е лесно, потребно е време да се науче прво. Да подготви глина, а потоа да работи.“ – додава Лазаревски.
Изработката на глинени производи се одвива низ неколку стандардни чекори: од подготовка, обликување и украсување, до сушење и печење на садовите. Секој од горенаведените чекори е подеднакво важен, бидејќи може да има одлучувачко влијание врз квалитетот на крајниот производ и е предмет на барањата на материјалот што се обработува, од една страна, и функцијата на садовите што се произведуваат, од друга страна.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет