Јован Манев со деби гол за репрезентацијата на Македонија: Мора да мислиме позитивно

Младиот дефанзивец Јован Манев одигра два одлични натпревари за репрезентацијата на Македонија против Италија и Малта.

На мечот со Малтежаните, Манев го постигна и голот-првенец во националниот тим. 

22-годишниот стопер беше презадоволен од изданието на двата натпревари, откако Македонија  во септемврискиот циклус забележа реми против Италија играјќи 1:1 и победа над Малта од 0:2 и со тоа успеа да освои четири бодови и се врати во игра за евентуален пласман на Европското првенство. 

“Чест ми е што сум дел од оваа селекција, браво за соиграчите, селекторот постави добра тактика, ние само го испочитувавме тоа и докажавме дека вредиме и можеме да направиме големи нешта сите заедно. Не застануваме тука, сега да се подветиме на клубовите се гледаме следниот месец, не чека натпревар со Украина и верувам дека ќе повториме истите резултати. Секогаш треба да се размислува само позитивно, и со такви мисли доаѓа успехот. Среќен сум што сите соиграч веруваат така и сите сме овде еден за друг, заедно како тим можеме да направиме големи успеси“, вели Манев, по синоќешниот дуел со Малта.