
Штипската библиотека заедно со ученици од ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ и Гимназијата „Славчо Стојменски“ денеска замина во Врање, Србија, за преку книгата да гради мост на пријателството. Така беше насловен и реализираниот книжевно-музички перформанс, кој е резултат на соработката помеѓу Библиотеките во Штип и Врање и Здружението на Македонци во Врање „Гоце Делчев“.
„Како библиотекари знаеме од колку голема важност е соработката помеѓу библиотеките, но доколку постои можност, како денешната, да се организираат настани и соработки со библиотеки од други држави, верувам дека ќе се согласите со мене дека ќе го подигнеме библиотекарството за едно ниво погоре. НУ-УБ „Гоце Делчев“ – Штип постојано води грижа за сите корисници и различни групи граѓани и затоа сме особено горди за успешноста на реализацијата на денешниот настан“, истакна Ивана Стојанова, директорка на НУ-УБ „Гоце Делчев“ – Штип.
На настанот учествуваше и Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „ПОРАКА“. Беше прикажана и уникатна арапска техника на цртање, а и изложени дела изработени на ваков начин.
„Верче може да ја покаже оваа нејзина посебна техника. Приказната започна во не толку далечната 2017 година, кога таа дојде, се претстави и рече дека изработува цртежи и сака да прави изложби. Ние се согласивме и започнавме од нашата библиотека и продолживме во цела Македонија во соработка со повеќе библиотеки. Си поставивме цел тоа да го направиме и надвор од границите, посебно сме среќни што ни се оствари и таа желба“, рече библиотекарката, Соња Манева.
Соработката помеѓу Библиотеката „Гоце Делчев“ во Штип и Библиотеката „Бора Станковиќ“ во Врање се воспоставува со цел промоција на книгата и библиотекарството со иницјатива за понатамошни настани.
Ребека Спасова М-Нет