
Охрид одново ја “тресна” Струга во второто Езерско дерби за оваа сезона, откако во “Билјанини Извори” во пеколна атмосфера “гладијаторите” ја “сомелија” Струга со 30:20 односно 10 разлика.
Езерското дерби ја наполни Спортската сала “Билјанини Извори” до последното место, верните “Рибари” и “Паткари” ја вжештија атмосферата во рамки на 8. коло од ракометната Суперлига на Македонија од групата А.
Струга прва го отвори резултатот, а потоа Охрид го сврте резултатот и поведе. Расположениот Даниел Ѓорѓески на голот на Охрид ги собра сите аплаузи на публиката, но и беше главен фактор за растот на водството на “гладијаторите”.
Влегувањето на “Паткари” во салата ја направи атмосферата пеколна, “гореа” трибините од двете страни, а Охрид на терен беше подобар и не дозволуваше Струга да се доближи резултатски.
На полувреме Охрид замина со предност од 13:9, а пеколното навивање на “Рибари” и “Паткари” продолжи и за време на паузата, а тоа беше најава за одлично второ полувреме.
На стартот од вториот дел Охрид тргна со серија 2:1 и одлепи на пет разлика при 15:10 со што “гладијаторите” беа во констатен плус.
Разликата за охридските ракометари се зголемуваше и истата стигна и до плус седум при 18:11 во 37. минута.
Струга го губеше темпото на натпреварот, а Охрид ја полнеше мрежата на противникот со што разликата се зголемуваше, а во 50. минута беше 23:16 за расположените “гладијатори” кои беа гладни за победа. Пет минути подоцна Охрид имаше плус девет при 27:18.
Конечниот исход беше 30:10 за голема победа на Охрид.
Најдобри кај Охрид беа Цирар и Шешиќ со по шест гола, додека кај Струга се истакна Бугариновиќ со шест погодоци.
