ФОТО: Детонит Плачковица ги започна подготовките, Алпај Јусуф и Богдан Велиновски нови засилувања

Второлигашот Детонит Плачковица од Радовиш ги започна подготовките за пролетната полусезона од Втората македонска фудбалска лига.

Радовишкиот второлигаш во пролетниот дел ќе биде предводен од новиот стратег Иван Варадиновски, откако Горан Здравков го презеде штипскиот прволигаш Брегалница. Денес беше одржан состанок помеѓу екипата и управата, а потоа беше одработен и првиот тренинг под водство на новиот тренер.

Алпај Јусуф и Богдан Велиновски беа претставени како први зимски засилувања за Детонит Плачковица, а како што најавуваат од клубот во пролетниот дел ќе продолжат да се борат за историски влез во Првата македонска фудбалска лига. Во следниот период Детонит Плачковица треба да објави уште неколку засилувања со кои клубот е во моментални преговори.

24-годишниот Јусуф е играч за врска, а во Радовиш доаѓа од редовите на прволигашот Скопје, во својата кариера Јусуф има настапувано за Кадино, Пехчево, Силекс, Локомотива-Бентоекспорт и Милано.

Велиновски има 25 години и настапува на стоперската позиција, а во својата кариера има настапувано за Слога од Виница, Воска Спорт, Силекс, радовишка Плачковица, Детонит, штипска Брегалница, Македонија ЃП, Вардар и Рудар Велење.

Клубот закажа и неколку контролни натпревари, кои треба да бидат објавени во следните денови.

Детонит Плачковица под водство на Здравков есенскиот дел го заврши на високото 5. место со 29 освоени бодови, а пролетниот дел го отвара против Беласица во Струмица.