
Третолигашот ФК БВК Коњаре продолжува со засилувањата во пресрет на продолжението од сезоната, а најново име во таборот на „сино-белите“ е Енис Буќи, кој и официјално стави потпис на договор со клубот.
Станува збор за цврст, борбен и тактички дисциплиниран дефанзивец, профил на играч кој носи стабилност во последната линија и внесува дополнителна сигурност во одбраната. Од клубот истакнуваат дека Буќи поседува изразен победнички менталитет и лидерски карактеристики, што ќе бидат од големо значење во амбициите за успешен финиш на сезоната.
Со неговото доаѓање, стручниот штаб добива уште една сериозна опција во дефанзивната линија, а конкуренцијата во тимот дополнително се зголемува – нешто што може само да придонесе за повисоко ниво на игра.
„Добредојде во ФК БВК Коњаре, Енис! Заедно кон нови победи“, порачаа од клубот, најавувајќи дека навивачите наскоро ќе имаат можност да го видат новото засилување на терен.
БВК Коњаре очигледно не се откажува од своите цели – се гради тим кој ќе биде конкурентен и ќе атакува на бараж за Втора лига.