
Еден по еден заминуваат од Брегалница, Горан Силјановски си замина од штипскиот клуб кој во следната сезона ќе настапува во Втората лига. По испаѓањето на Брегалница од Првата лига ќе заминат странците бидејќи немаат право на настап во Втората лига, но заминуваат и македонските играчи.
Како што најави телевизија М Нет 33-годишникот ќе го облече дресот на дебитантот во Првата македонска фудбалска лига.
Беса гради конкурентен тим за следната сезона во која ќе атакува на висок пласман на прволигашката табела, но и да го освои Купот на Македонија, со цел да обезбеди излез во Европа.
Силјановски со своето искуство ќе биде значајно засилување за екипата од Добри Дол, а како што објави телевизија М Нет, Беса создава многу конкурентен тим, па така како што најавивме нови засилувања во Беса ќе бидат голманот Костадин Захов, Меџит Незири, Башким Велија, Адаме Самаке, како и Горан Силјановски.
Сега веќе поранешниот играч на Брегалница, а ново засилување на Беса во својата кариера покрај за штипскиот клуб има настапувано и за Вардар, Ренова и Работнички, додека пак во Албанија настапуваше за екипите на Фљамуртари и Динамо.
Беса стана шампион во Втората македонска фудбалска лига и за првпат ќе заигра во Првата македонска фудбалска лига.
Александар Ванев, М-Нет